Идентитет на рати
Пишува: Никица Корубин
Кој е денес на ред, за да се “одбрани” идентитетот? Самоил, се разбира. Всушност, ревносно се следи работата на историската комисија од Договорот со Бугарија, и според тоа се гради “дневниот” идентитет и ад хок загриженоста за истиот. Така што на ред дојде Самоил (откога заминаа во заборав македонскиот јазик, Гоце Делчев, Кирил и Методиј, Климент)… или обидот да се опструира секој напредок.
Големата загриженост вели вака: било договорено дека заеднички ќе се чествува и слави Самоил, односно Самоил е веќе “завршена работа”. Ова е мора да се признае огромна причина за активирање на инстант идентитетот. Бидејќи нели, ние глава не може да кренеме од она наше, поединечно славење на Самоил, па сега ќе мора да го делиме со Бугарите. На сите страни прослави, јубилеи, улици со имиња на Самоил, училишта, културни домови. Томови и томови научни тези, анализи и елаборации. И еден споменик. Од озлогласениот проект Скопје 2014. И тој да не беше, ликот нема да му се знаеше, а не па името. И посебно да не се заборави “како што учевме”, за ерменецот Самоил, оној истиот, за кој сега сме особено загрижени, како дел од нашиот македонски идентитет, кои ние самите така јасно (не) го дефинираме.
А, тоа “како што учевме” никој да го отвори, оспори и проблематизира. Затоа што токму тука и лежи главниот наш, идентитетски, општествен и државен проблем. Тоа никако да дојде на дневен ред. Дури тогаш, ако некогаш дојде на дневен ред, ќе се види сета небулоза, конструкција и тенденциозност на она што го нарекуваме национална историја, а и она што го “браниме на рати” како идентитет. По потреба, да не кажам по нарачка.
Кога се ратификуваше Договорот со Бугарија, во собранието, од говорница објаснувајќи ги придобивките на Договорот, ја парафразирав, онаа изјава на Џони Штулич преведувачот, а не Џони Штулич музичарот: “па, добро вие сте Македонци по Самоил, или сте Македонци по Василиј Втори (Вулгароктонос)”? Само немојте да ја користите литературата “така учевме”, има и друга релевантна …. таму секако ништо јасно не е македонско. Освен спремниот и спакуван идентитет, кој се брани на рати.

