НИКОЛА ДИМИТРОВ ПРЕД КОМИТЕТОТ ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ ВО ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ ВО БРИСЕЛ

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров денеска зборуваше пред членовите на Комитетот за надворешни работи во Европскиот парламент (AFET), на чија агенда е и првото читање на предлог резолуцијата на ЕП за Република Македонија.

На денешниот состанок МНР Димитров пред членовите на Комитетот елаборираше за актуелностите во Република Македонија, во пресрет на историски важниот референдум. Во тој контекст, тој кажа: „Политичарите можат да направат цела кариера и да живеат од нерешен спор, а можат и да се вложат и да го решат, заштитувајќи го најважното за двете страни, за граѓаните на нивните држави да живеат подобро”. Воедно, Министерот се осврна на текот на имплементација на клучните реформи во земјата и подготовките за скрининг процесот со Европската комисија. Притоа ја нагласи ефективноста на преговорачкиот процес во реформските придвижувања и важноста на препознавањето на исклучителните исчекори на Република Македонија, особено имајќи го предвид регионалниот и геополитички контекст.

„Не бараме скратени патишта или незаслужени награди. Но, би сакале успешните приказни и шанси да бидат соодветно валоризирани и искористени, особено во време кога на Регионот, но и пошироко му требаат такви примери.” За време на дискусијата, европратениците изразија огромна поддршка и честитки за извонредниот дипломатски успех – решавањето на деценискиот спор со Грција. Министерот Димитров изрази благодарност за поддршката и конструктивниот пристап на Европскиот парламент во процесот на пристапување на Република Македонија во Европската Унија, рефлектирана меѓу другото и преку Жан Моне процесот на соработка со Собранието на РМ, како и во резолуциите за Република Македонија.

МНР Димитров оствари средби и со евро-пратениците Удо Булман (Претседавач на групата на социјалисти и демократи во ЕП), Андреј Ковачев (потпретседавач на групата ЕПП), Иво Вајгл (известител за РМ во ЕП, член на групата на Европски либерали и демократи), со Јоханес ван Бален (претседател на Групата на пријатели на РМ во ЕП, АЛДЕ), како и со Дејвид МекАлистер (претседавач на АФЕТ, член на ЕПП). Од страна на соговорниците беше изразена силна поддршка за правецот на движење на Република Македонија и надеж дека нашата земја конечно ќе се најде целосно во семејството на ЕУ.

Во текот на денот предвидени се средби и со Фабио Масимо Касталдо (потпретседател на ЕП, член на групата за слобода и директна демократија), Туне Келам (ЕПП), Тамаш Месерич (групата на Зелените), Софија Сакорафа (групата Европска обединета левица), Тања Фајон (групата на социјалисти и демократи), Кнут Флекенштајн (групата на социјалисти и демократи во ЕП), Чарлс Тенок (група на Европски конзервативци и реформатори).