| |

VIVA LAS VEGAS

…got a whole lot of money that’s ready to burn, so get those stakes up higher…

Ние од ГДУ неретко ја критикуваме Владата и премиерот Заев. Признавам, во последно време тоа не ми е лесно. Не поради тоа што се подобрија, што долго најавуваните реформски планови од опозициските денови се реализираат со филмска брзина (освен ДУИ, тие немаа опозициски денови) туку ме освоија со нивниот „аланфордовски” шарм. Добро, навистина им недостасува Број Еден, но затоа имаат мноштво конкуренти за местото на сер Оливер, не им недостасуваат ниту ликови за Боб Рок и Грунт, погодувате кој наликува на Гервасиус – главниот лик пак, симпатичниот и бесконечно наивен Алан Форд е резервиран за нас, ние кои сме од другата страна на оградата која ке ја рушеја.

Во шпионските извештаи на нашава ТНТ група веројатно има изјави од очевидци кои го виделе и Елвис на некој граничен премин (сеедно дали е зелен или не) локацијата на Џими Хофа (белким ќе му ја соопштат на амб.Бејли на заминување) а тајната за Неси ја чуваат ако на Тереза Меј и тргне ептен лошо со ториевците.

Затоа морам да истакнам дека помалку се злонамерни констатациите дека министриве во оваа ТНТ група немаат поима што ќе пишува на производите од земјава како земја на потекло. На едно од многуте непотребни јавни појавувања, министрите Анѓушев и Николовски имаа сосема спротивставени гледишта по ова прашање. Затоа и велам злонамерни, чудно ќе беше двајца министри од иста Влада да имаат ист став во рамките на големиот проект Договорот од Преспа. И не само по ова, имаат разногласие и по други не така важни прашања. На пример, дали војска да ги чува болниците и вработените или полиција. Или СГС. Ете, тоа е демократијата.

И додека пасионирано ја следиме сагата за бегството на Пастирот наш (иако според се напишано досега, човекот си се движел мирно , не бегал газ преку глава) а пратениците на чело со Талат заминаа за Канада на ПС на НАТО, ние како стадо се запознаваме со „човечкото лице” на поранешните функционери. А тие сироти, се извинуваат, се правдаат, па срцето не е камен, нели?

Автор: Ѓорѓи Трендафилов претседавач со Националниот Комитет на ГДУ

 

Слични Објави