| |

ИГУМЕНОТ НА БИГОРСКИОТ МАНАСТИР, ОТЕЦ ПАРТЕНИЈ, ИЗБРАН ЗА НОВ ЕПИСКОП НА МПЦ-ОА

На денешната седница на Светиот архиерејски синод, игуменот на Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител”, високопреподбниот архимандрит Партениј, беше едногласно избран за нов епископ на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, јавува Канал 5.

Од Синодот за МИА информираа дека отец Партениј беше предложен за нов владика од страна на неговиот надлежен архиереј, митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј, а едногласно потврден од сите членови на Синодот на МПЦ-ОА. Неговата хиротонија е закажана за 12 јули годинава, на празникот на светите апостоли Петар и Павле, во храмот „Света Софија” во Охрид.

Отец Партениј ќе биде викарен епископ на Дебарско-кичевската епархија, со титула „Епископ Антаниски” (според македонскиот античкиот град Антанија, кој бил епископско седиште), но истовремено ќе ја задржи и својата должност како игумен на Бигорскиот Манастир, каде што ќе биде и неговото постојано седиште.

Со своето дваесет и пет годишно монашко и игуменско искуство, отец Партениј влегува во архиерејски чин со досега најголем монашки стаж во поновата историја на нашата Црква. Во црковните кругови тој важи за искусен духовник, кој ужива голема почит не само од верниците, туку и од пошироката јавност.

Уште од своето доаѓање во Бигорскиот манастир, отец Партениј енергично се посветува на севкупната обнова на ова големо светилиште, после долгиот период на негова духовна замреност и материјална запустеност. Целосно се вложува себеси во делото за враќање на некогашното достоинството на бигорското светилиште. Како плод на таа посветеност, во 2001 година, потполно е возобновен и духовно заживеан и манастирскиот метох – женскиот манастир посветен на Св. Георгиј Победоносец во с. Рајчица.

Покрај градежните потфати на архимандритот Партениј, особено значење има неговата силно развиена духовна и општествена мисија, во текот на изминатите две и половина децении. Како искусен духовен раководител, тој со својата духовничка дејност им помогнал на многу души од Македонија и пошироко, да најдат утеха, спокој и решение на животните проблеми. Позната е и неговата хуманитарна дејност, која се состои од помош на лица на кои таа им е најпотребна. Особено е значајна социјалната мисија на архимандрит Партениј за помош на лица, пред сѐ од помладите генерации, кои западнале во пороците на наркоманијата, алкохолизмот, коцкањето и сл. Стотици млади луѓе, без разлика на нивната верска, национална и социјална припадност, со помош на отец Партениј, не само што успеале да се ослободат од канџите на зависностите, туку и целосно да се рехабилитираат и ресоцијализираат и така да станат полезни членови на општеството.

Целиот напис прочитајте го овде.

Слични Објави