„ЈОВАНЧЕ И МАРИКА”ЗА НАЈМЛАДИТЕ ПОСЕТИТЕЛИ НА „ОХРИДСКО ЛЕТО”

Фестивалот „Охридско лето” и Театарот за деца и младинци-Скопје ја израдуваа најмладата публика со куклената претстава „Јованче и Марика” во режија на Давор Драгојевиќ од Подгорица што беше одиграна вчеравечер на сцената „Долни Сарај” во Охрид.

loading...

Беспрекорната 50-минутна игра на актерите од Театарот за деца и младинци од Скопје максимално ги задржа вниманието и концентрацијата на децата од различна возраст кои уживаа во едни од омилените ликови што ги создале браќата Грим.

-„Јованче и Марика”, една од поубавите бајки на браќата Грим првпат ја изведуваме во досегашното постоење на нашиот театар. Ние актерите сме премногу возбудени зашто одамна не сме ја играле, ниту неа, ниту другите претстави од нашиот репертоар.Претставата е куклена и тоа е нешто што го прави процесот уште повозбудлив затоа што е многу тешко да се работи со кукли. Колку што е куклена, толку треба да биде и жива. Освен што треба да дадеш дел од себе, емоции, треба да ја оживееш и куклата. Децата ги сакаат нашите претстави, а оваа е една од попознатите теми. Пораката што ја испраќаме е да не се биде алчен, што повеќе да се сузбие она што е алчност, непотребност, насилие, се што е нечовечка особина, вели актерката Катарина Илиевска – Силјановска, која е и директорка на Театарот за деца и младинци.

Театарот за деца и младинци од Скопје ги негува куклените претстави веќе три децении, но и другите актери од овој ансамбл потврдуваат дека ваквиот вид претстави се потешки за играње отколку драмските претстави со живи ликови.



loading...

Освен Катарина Илиевска-Силјановска и Драган Довлев, во куклената претстава „Јованче и Марика” играа и Марија Ѓорѓијовска, Ана Левајковиќ Бошков и Ангела Димитрова. Драматизацијата е на Дарко Ковачовски и Надја Василева која ја изработи и сценографијата и костимографијата, а музиката за претставата ја напиша композиторот Љупчо Мирковски.