„ИЛИНДЕН 2019“ – ЈУБИЛЕЈНА ДВАЕСЕТТА ЛИТЕРАТУРНА МАНИФЕСТАЦИЈА

„Илинден 2019“ е насловена литературната манифестација, која од 14 до 18 мај годинава ќе се одбележи во општината Илинден. Свеченото отворање на манифестацијата која годинава се одржува по јубилеен 20-ти пат и чија цел е промоција на современите културни достигнувања, ќе се одржи утре во Домот на културата „Илинден“ со почеток во 19 часот.

Централниот настан, поетскиот митинг „Стихови за душата“, на кој ќе настапат над 30 поети од десетина држави, ќе се одржи на 17 мај. Во рамки на манифестацијата ќе се одржат повеќе културни настани, портрети и промоции на книги на реномирани писатели, како и млади автори, чествувања, изложба, литературно матине за деца со настап на 15 писатели за деца и млади, како и музички колажи со познати музички ѕвезди.

Воедно под мотото „Денови на книгата“ во домот на културата ќе се одржи саем на книгата, каде што љубителите на пишаниот збор ќе можат да се запознаат со најновите изданија и да најдат богат избор на книги.