ПРОМОВИРАНИ СПОТОТ И ПЕСНАТА „РАСТЕМЕ ЗАЕДНО“ ПОСВЕТЕНА НА ДЕЦАТА СО АУТИЗАМ

Истакнато Култура Магазин

Во просториите на кино „Култура“ беа промовирани спотот и песната „Растеме заедно“ проект на здружението „Аутизам ААМК“, како дел од активностите на здружението во месец април како месец за подигнување на свеста за аутизмот кај децата. Песната е посветена на сите деца кои заслужуваат да бидат дел од нашето заедничко секојдневие, велат од „Аутизам ААМК“

Песната „Растеме заедно“ е авторско дело на текстописецот и композитор Весна Малинова Бабамов, аранжманот е на Дарко Тасев, снимено во студио AleXanDeR. Во песната учествуваат Кристина Арнаудова, Весна Гиновска Илкова, Никола Перевски Пере (Нокаут), Лилјана Атанасова Лили, Дани Димитровска, Miyatta, Драган Спасов Дац, Петар Младеновски (Суперхикс), Филипа Гелевска, Горан и Ана Трифуновски (Пеперминт), Бранислав Николов (Фолтин) и Ева Ѓорѓеска. Спотот е по сценарио и режијата на Ѓорѓе Јовановиќ, Александар Јосифовски и Небојша Гелевски од Koma design studio и Suteren продукција. Песната и спотот се од хуманитарен карактер и во нивното сoздавање сите учесници учествуваа доброволно и со огромно задоволство.

„Големо задоволство ми е што бев повикана да бидам дел од проектот „Растеме заедно“, и особено да соработувам со деца што се повозрасни, а се со аутизам, за да сфатам и јас самата дека нема никаква попреченост кога станува збор за уметност, и ниту една дијагноза не може да ја спречи таа нишка, којашто уметничката душа ја носи и сака да ја сподели со светот. Особено ова важи за децата што пееја, што беа инструменталисти, што глумеа, што се радуваа. Искуството е неповторливо и ми беше голема чест што бев дел од овој прекрасен проект. Се надевам дека песната ќе допре до сите срца, особено поради фактот што е игра на зборови„Растеме заедно- за едно“. Авторката на текстот Весна Малинова Бабамов, направила исклучителна игра на зборови и самите ние без разлика дали сме со дијагноза или без, со видливи или скриени недостатоци, треба да знаеме дека сме дел од множеството наречено свет“- изјави специјално за нашиот портал пејачката Miyatta која се појавува заедно со својата мала ќеркичка Никита во спотот на песната.

Miyatta со малата принцеза Никита