Има само една “вистина” …

//

Facebook статус на Никица Корубин

Така некако звучи целиот пеколен наратив денови, наречен одбрана на идентитетот. И со таа “една вистина” во лажно демократски манир се бара поголема транспарентност и широка дебата за “францускиот предлог”. Зошто? За да се дискутира таму каде што всушност и нема дискусија или триумфално да се потврди “вистината”? А, која е “вистината” и со каков метод е дојдено до неа?

Со најефикасниот можен метод: фобија и омраза. Чист нагонски сентимент. Како совршен пример како функционира пропагандата. Креирате рамка преку константно повторување на неколку фрази “идентитетот ни’ е загрозен”, “јазикот ќе ни го земат”, “ќе влеземе како Бугари”, “ЕУ ќе не бугаризира”, “ЕУ не ни треба” и секакви варијанти и подваријанти на темата; рамка во која ќе се движи секоја сегашна и идна “дискусија”. И во таа дискусија што правите, со овие правила и маркери? Па, се разбира го барате ѓаволот во деталите, секоја реченица, секој факт го читате и примате низ точно поставената рамка, ниту милиметар подалеку. Но, кој е ѓаволот? Бугарија се разбира. “Бугари, Бугарија, Бугаризација” е всушност синоним за злото, тоа треба по автоматизам да предизвика емотивна реакција без размислување, на кое потоа совршено ќе се вклопи било која лага.

За да се изгради ваква “рамка на лагата” и за во неа да може да се негува омразата и фобијата, треба сериозна медиумска и јавна поддршка. Која се разбира е достапна месеци наназад, а за “емотивната компонента”, антибугарството и години наназад. “На услуга и задача” се ставија многу медиуми, експерти, аналитичари, партии, “јавност” од секаков профил. На услуга на каузата, “одбрана на идентитетот”, ама идентитет кој ги задоволува само горенаведените критериуми: “Без излегување од рамката, да не се шири темата, држете се до наративот.” Тоа е суптилната порака која се исчитува, па затоа и секоја комуникација на темата “француски предлог” е како комуникација со ѕид, не поради силината туку поради заблудата. Исти реченици, исти пораки, ист гнев. Прототип на “бранител на идентитетот”. Во функција на … одбраната? Да, ама на што? На уништување на сечија иднина.



И затоа секоја лага треба да стане вистина, затоа што лесна е таа вистина која почива на лаги. Па, секакви вратоломии и предлози циркулираат во тој првичен смислен хаос, со шмек на многу омраза и малку или никакво знаење. И кој е одговорен за оваа “света војна”, за оваа изнасилена “идентитетска” претстава, за оваа киднапирана и узурпирана приказна, за оваа “дозволена рамка” со однапред познати правила; се препознаваат ли тие и свесни ли се за последиците што секојдневно брутално ги создаваат? За која “вистина” се борат, а за која “вистина” манипулираат? Само тие ли имаат право на “вистината”, а последователно и на “одбраната”? Ама, тоа не се прашања во пропагандата, бидејќи таа не прашува, туку наметнува.

И затоа никому и не треба дебата надвор од рамката. Каква Преговарачка рамка, заклучоци или протокол, тие документи и никому не требаат кога нивното “читање” е веќе апсолвирано низ антибугарска, а се чини и антиевропска визура. “Идентитетот” е само алатката и правилото на рамката “има само една вистина”. И тоа е единственото точно, навистина има само една вистина, ама како и секоја друга, базирана на факти, а не “нарачано толкување на истите”. И таа вистина е вистинскиот страв, поради кои се потикнуваат сите останати фобии. Малку антибугарство, малку антиалбанство, тоа ли е идентитетот што се брани? Или тоа е само рамката во која секоја лага ќе звучи како вистина. Секоја лага има крај, ама со последици. Кои последици теба да ги предизвика оваа лага? Тоа е главното прашање, на кое никој до сега не даде одговор. Зафатени се со “одбрана на идентитетот”, гласни во бучавата која сами ја создаваат, за случајно во тишината некој да не се сети на вистинското прашање.



Претходна статија

Села: Северна Македонија мора да го прифати францускиот предлог

Следна статија

Да го заковаме првиот клинец во мртовечкиот сандак на омразата

Најново од Ваш став

Во „име“ на народот

Facebook статус на Никица Корубин “Народот” е најприсутен во јавниот говор, деновиве. Сите се повикуваат на

Живот во мит

Fb статус на Никица Корубин Што подразбираме кога ќе кажеме Македонија и Македонски е прашањето со