Интелектуален банкрот

//

Пишува: Маузер

Како никогаш до сега, главната порака, репликите, изворите кои ќе ги цитирам и насловот не ми дошле на ваков лесен начин. Имено, уште пред да смислам што и како ќе напишам одбрав името на оваа колумна да биде „Интелектуален банкрот“. Сакам насловот да послужи како опис на тоа што се случува со луѓето кои би требало да бидат „интелектуалната елита“ на Македонија и на македонската нација. Истите кога треба да се соочат со некои непријатни факти или со тврдењата на бугарската страна наеднаш паѓаат на ниво на кафански експерти. Во оваа колумна ќе стане збор за професорите и доктори на науки Тодор Чепреганов, Љупчо Коцарев и Мирјана Најчевска кои во последната недела напишаа писма, колумни и статуси во кои нивото на аргументација го сведоа на тоа на пијаница пред коперација, само со малку поелоквентен речник, празни патетики и флоскули.

Ќе започнам од дното, односно од тоа што јас го сметам за ниско ниво на нашите професори, а во конкретниот случај мислам на Мирјана Најчевска. На сликата погоре е фејзбук статус на професорката од 8 декември оваа година во кој што тврди дека Бугарија е непријател и дека таа покажува територијални аспирации кон Македонија. За разлика од Фејзбук каде што дотичната ограничила само одбрано друштво да може да ѝ одговори, на Твитер таа беше притисната и натерана да ја појасни својата позиција, односно територијалните аспирации на Република Бугарија, па така таа вели:

„Сан Стефано е аспирација, Балканските војни се аспирација, освојувањето на територијата во време на Втората светска војна е аспирација. Тоа се факти а не перцепции. Ние со диплома и со два грама мозок знаеме да собереме 2+„, а вие може да си раскажувате гачки.
Непризнавањето на идентитетот и јазикот се последната манифестација на аспирациите. Со ставањето пречка во процесот на интеграција во ЕУ се прави се за да се дестабилизира државата за да може да биде асимилирана. Школски пример од учебниците за воена стратегија и воено право.“

Навистина не знам од каде да почнам за да ги дисецирам глупостите на госпоѓата Најчевска која што немам намера да ја ословувам според нејзината титула, освен можеби иронично бидејќи вакви тврдења да пласира некој што е магистар по почитички науки и доктор по право е под секое ниво. Да обвинувате дека одредена држава има територијални аспирации кон некоја друга е многу сериозен потег, а во ерата на неповредливост на меѓународните граници и правото на самоопределување да мислите дека било која членка на НАТО и ЕУ би имала било какви сериозни теритроријални претенции кон друга членка на НАТО е апсурд. Оваквите тврдења можат да бидат само муабет на „кафански експерт“. Посебно апсурдна е аргументацијата за овие тврдења која што таа ја пронаоаѓа во некакви си историски аспирации на Бугарија кон Македонија почнувајќи од договорот во Сан Стефано. Договор кој е склопен додека Бугарија не постоела како посебна држава, договор кој таа не го потпишува, а неспроведувањето на истиот го означува и почетокот на македонското прашање. Таа тврди дека таа теритоијална аспирација подоцна продолжува во Балканските војни и во двете Светски војни, што фактички во минатото е точно. Арно ама интересно е тоа како Бугарија е таа која што поради учеството во тие војни има некаква денешна аспирација кон Македонија, но Грција и Србија, кои исто така учествуваа во истите војни, немаат такви аспирации. Двојни аршини?

Непризнавањето на јазикот и на идентитетот се работи што не се во доменот на една држава за таа да ги признава или не. Мене ме интересира како тоа денес претстваува некакво загрозување на државноста на Македонија? Уште повеќе од каде блокадата за члество во ЕУ на одредена земја, некогаш била дел од некаква војна стратегија, па да биде ни помалку ни повеќе школски пример за тоа?

Да не забораваме дека сето тоа го кажува личност која што беше претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права и сегашен претседател на Центарот за човекови права и разрешување конфликти. Личност која што треба да се занимава со права на маргинализирани групи за какви што се сметаат себе си македонските Бугари чиј што статус Софија конечно го стави на дневен ред. Замислете каков е односот кон Бугарите од страна на дел од обичниот народ и споредете го со односот на Најчевска, која е „професионален бранител на човекови права и разрешувач на конфликти“ и јавно ја прогласува Бугарија за непријател? Нешто што е чиста спротивност со нејзините колеги од истите институции во Бугарија кои се меѓу најголемите, ако не и најголемите бранители на бугарските државјани, кои имаат претензии да бидат признаени како македонско малцинство во Бугарија.

Следен на листата е еден од моите „омилени“ историчари, господинот Тодор Чепреганов. Универзитетски професор по историја, поранешен директор на Институтот за национална историја за време на еден од најголемите фалсификаторски проекти во историјата на Европа и редовен борец во медиумскиот простор против Бугарија. Од неговите соочувања со Канзуров и Перев, до отворените писма кон Бучковски и гостувањата кај Васко Ефтов, Чепреганов е секогаш тука кога треба да не убеди дека со Бугарите немаме ништо заедничко и дека тие ни се најголем непријател. Господин Чепреганов рециклирал оваа недела едно свое отворено писмо од 2006 година кон специјалниот пратеник на Македонија во Бугарија Владо Бучковски. Писмото може да се најде на следнот линк.



Писмото е преполно со патетики и обвиненија за велпредавство,а ироничното е тоа што, обвинет за цензура е господинот Бучковски додека самиот Чепреганов, би го цензурирал, заради различните ставови. Сепак најбомбастично и клучно е тврдењето дека: од заедничка историја нема ниту „з“, ако не го сметаме времето на окупацијата. Секој еден народ има своја историја, а тоа подразбира свои митови, колективна меморија, херои, обичаи и култура. Македонската и бугарската се разликуваат како „бог и шеширџија“.
Во ред, ако бугарската окупација е единствената точка од заедничката историја, по таа логика имаме околу горе-доле 200тина години заедничка историја. Таа ги вклучува св. Климент и Охридската книжевна школа, бугарски службеник, во бугарска институција, Самоил, ПСВ и ВСВ каде што бугарската окупациона војска и администрација е составена во голем дел од припадници на ВМОРО. А бидејќи нашите и нивните гледишта се разликуваат како „Бог и шеширџија“ мислам дека е разумно за нас, токму припадниците на ВМОРО да се непријатели и продолжена рака на бугарската окупација. Тие луѓе треба да ги учиме како непријатели на македонскиот народ. Зарем не? Ако е така, тогаш навистина имаме многу работа да ги менуваме учебниците по литература и историја и не разбирам од каде цела побуна против тоа.


Ваквите глупави, бомбастични и популистички изјави воопшто и не можат да се наречат изненадување, кога доаѓаат од господинот Чепреганов. Тие се дел од неговото модус операнди и се наменети за мобилизирање и „напалување“ на народот. На ист таков начин истиот „историчар“ се послужи со цитат од роман на Димитар Талев во дуел со новинарот Владимир Перев. Таму тој го претстави цитатот „Македонија има свои и нтереси и своја политика.Тие им припаѓаат на сите Македонци. Оној што сака да работи на присоединувањето на Македонија кон Бугарија, Грција или Србија, тој може да се смета за добар Бугарин, Грк или Србин, но не и за добар Македонец.“ како автентични зборови на Гоце Делчев со цел да го помакедончи во етничка смисла, идеологот на револуционерното дело на македонските Бугари.
Или Чепреганов има мали познавања и навистина верува дека тоа Гоце го кажал (ако случајот е таков, само Господ знае како тој станал историчар и покрај ниското ниво на неговите компетенции) или пак намерно пласира целосно свесен едно лажно тврдење. Јас сум склон да верувам во второто и тоа го покажува во целост тоа што го нарекувам во овој текст „интелектуален банкрот“. Соочен со соговорник од другата страна кој има барем основни познавања од историја, Чепреганов немоќен да ја брани својата позиција посегнува по лаги и фалсификации. Сето тоа со цел да покаже пред просечниот гледач како тој победил и има силни аргументи. За некој си Петко од Сарамзалино (извинување ако навистина постои таков, одбирот на името и местото се целосна случајност) тоа е доволно….директорот на ИНИ му го плесна јако на бугарашот продаден. И тоа е само еден мал пример, ако треба да го дисецирам во целост опусот на професорот, тогаш би ми требале повеќе продолженија на овој текст, за да ги посветам само на делата на професорот.

И последен, но не и значајност е претседателот на МАНУ – Љупчо Коцарев. Физичар, во чии што познавања од неговата област не се сомневам, дел од познатиот бугарски род Коцареви чиј што најпознат претставник е Илија Коцарев. Илија Коцарев бил охридски војвода на ВМОРО, претседател на Бугарските Акциони Комитети во Охрид и кмет за време на „бугарската окупација“ 41-44 та за што е суден прво на смрт, па после на 20 години затвор за време на СФРЈ. Во бугарската историја Илија Коцарев е херојот што во случка како од холивудско сценарио има спасено 25 бугарски војници од стрелање од страна на Германците во Октомври 1944 година. И денес се уште постојат роднини негови носители на истото презиме кои се чувствуваат како Бугари. Можеби свесноста за „бугарофилското“ педигре на својата фамилија го има создадено комплексот кон Бугарија на овој човек, но во секој случај тој е во моментов е убедливо најгласен противник на преговорите со Бугарија.

Во својата колумна J’accuse! (Обвинувам!) која што е патем инспирација и за новото отворено писмо на Чепреганов, Коцарев во стилот на Емил Зола ги обвинува моментални македонски власти за лаги, предавства, демакедонизација, неправди, користољубие и што уште не. Типично за неговиот стил користи големи зборови и цитира одредени класици со цел да ја засили патетичната порака. Па дури и самиот наслов со кој што треба да се повлече паралела помеѓу Македонците и Евреите (Емил Зола го пишува своето „овинение“ како одговор на судењето на капетанот Драјфус, коe што има анти-семитска позадина) е веќе видено клише и патетика.

Интелектуалниот банкрот на Коцарев може да се види во повеќе од неговите тврдења. Едно такво тврдење пропиено со евтин популизам, е дека сета оваа ситуација е само затоа што некој (читај Заев) сакал да остане на власт. Небаре Заев е некаков си популист кој му дава на народот тоа што сака и за да остане на власт ја жртвува иднината на државата и нацијата. Да го потсетам господинот Коцарев, власта во Македонија се избира по демократски пат. СДСМ доживеа тежок пораз на првите избори откако од македонска страна стигна глас за одредени компромиси во спорот со Бугарија. Дали тоа Коцарев имплицира дека некоја туѓа страна на сила ни го инсталирала Заев и само со „продавање на своите предци, поколенија, внуци, деца, партија“ може да остане на влaст или пак самите македонски гласачи се согласни со попуштањето? На крајот од краиштата со самото повлекување Заев ја поби таа теза на академикот.

Не би сакал да испаднам адвокат на Заев, но едно такво тврдење личи повеќе на обид за минирање на преговорите и можноста за некаков договор за што сведочи и следниот цитат: „ фактот дека македонскиот јазик постои повеќе од илјада години и дека тој е „единствената наша целосна татковина“ којшто ги обединува сите Македонци – и оние во државата Македонија и оние во пиринскиот и егејскиот дел на Македонија“. Освен што го употребува цитатот на Конески кој што содржи доза на иредентизам, Коцарев во целост ги потврдува бугарските стравови и позиции во однос на македонскиот јазик. Ако во однос на Грција кога станува збор за јазикот имавме обичен малициозен обид да се монополизира терминот Македонија и придавката македонски, во случајот со Бугарија тоа е навистина поинаку. Имено словенските дијалекти кои се говорат во Пиринскиот дел на Македонија, Бугарија и најголем дел од луѓето во пиринско ги сметаат за дел од Бугарскиот јазик. Станува збор за говори од ист дијакелтален контиуум и група на јазици, а Коцарев тврди дека истите се дел од некаков си милениумски македонски јазик кој во најголем дел од целиот тој период не се ни спомнува никаде. Претсетаделот на една од највисоките македонски институции, кровната институција на науките и уметностите самиот го потврдува тоа за што Бугарија инсистира македонскиот јазик во меѓусебната комникација и во ЕУ да биде примен само како јазик според уставот на РСМ или да „признае бугарски корен“. Апсолутен автогол.

Да биде иронијата поголема повикува да не згласнела Охридската книжевна школа основана во 886 година. Не знам дали знае, но Македонија во тоа време и уште едно 132 години после тоа е дел од Првото Бугарско царство. Школата немало никогаш да била основана да не бил цар Борис I кој го испраќа св. Климент да формира книжевна школа како Преславската од каде што му се приклучува и св. Наум малку покасно. Нели немавме ништо заедничко со Бугарија? Од каде тие сега патетики да не згаснела една бугарска институција (која патем со векови веќе не постои)?
Па продолжува со патетичните крици „ Да не згасне македонскиот духовен универзум, да не згаснат МАНУ, УКИМ и МПЦ!“. Кој господине Коцарев бара да згасне било која од тие институции? Кој и како тоа го бара? Посебно пак МПЦ чиј што еден од најголемите поддржувачи во борбата за нејзина афтокефалност е Бугарија. На крајот од краиштата МПЦ може да ја загрози влезот на еден друг наш сосед во ЕУ пред нас, а со инатење одиме сигурно кон тоа.
Тука повторно се работи за недостаток на аргументи и обид да се покрие недостатокот на истите со патетики и сеење на страв. Конечно наративот пропагиран од страна на дел од академиците на МАНУ, УКИМ и др. институции е предизвикан и секоја дискусија за истиот е проследена со вриштње „ќе не укинуваат“, „готово е нема да сме веќе Македонци“, „Македонија нема да постои“, „си ги продаваме душата и децата“ итн.

Ако потврдување на историската вистина поткрепена со милиони страници документи значи укинување на македонскиот идентитет и самобитност, тогаш тие не вредат ни пет пари. Вистината е дека дејците на ВМОРО, најголем дел од преродбениците се сметале за Бугари, дека не работеле против Бугарија, дека Егзархијата била и волја на Македонците, дека Самоиловата држава е продолжување на бугарското царство, дека Бугарите се дочекани како ослободители, дека македонските дејци учествувале во таа власт и дека Бугарите не се Татаро-монголи (што самите историчари од Македонија исто тврдат дека е неточно и се поставува прашањето како таа теза воопшто станала дел од македонскиот образовен систем?) Арно ама, дел од македонската интелектуална елита, се претворува во параноична група за лажење, која не го брани македонскиот идентитет, туку сопствениот наратив, кој не чини ни 5 пари. Сиротите толку долго се навикнати да оперираат со лаги што веднаш штом треба да ја презентираат вистината едноставно интелектуално и морално банкротираат.

Претходна статија

БТА отвора прес-клуб и испраќа дописник во Скопје

Следна статија

Румен Радев од Брисел: Бугарија останува на својата позиција за РС Македонија

Најново од Истакнато