ИРАН ПРИЗНА: НЕНАМЕРНО ГО УРНАВМЕ УКРАИНСКИОТ АВИОН

Иран објави дека армијата„ненамерно го урнала“ украинскиот патнички авион , наведувајќи дека во прашање е човечка грешка.

Во соопштението од Иранската армија се наведува дека по грешка било проценето дека авионот е „непријателска цел“ поради тоа што украинскиот патнички авион се свртел кон „чувствителен воен центар“ на Револуционерната гарда.

„Во тие услови поради човечка грешка авионот ненамерно е погоден“ е наведено во соопштението од иранската армија во кое воедно е истакнато дека одговорниот за инцидентот ќе биде процесуиран, пренесе „АП“.

Иранската армија упатила и извинување во кое наведува дека во иднина ќе ги усовршува своите системи за во иднина да се спречат вакви трагедии.

Официјалното признание од Иранската армија следело откако американски и канадски официјални претставници навеле дека „е многу веројатно“ иранска противавионска ракета да го погодила авионот, што Техеран на почетокот го негираше.

Украинскиот патнички авион со 176 патници и членови на екипажот се урна во средата само неколку часа по иранското ракетирањето на две воени бази во Ирак кои ги користела армијата на САД, како освета за убиството на иранскиот генерал Касем Сулејмани.