Итно да се набават Системи за конинуирано и безболно следење на гликозата за децата кои боледуваат од дијабет, бара „Баланс МК“

/

Асоцијацијата за детски дијабет на Македонија Баланс МК бара од Министерството за здравство итно, преку тендер, да се набават Системи за конинуирано и безболно следење на гликозата за децата кои боледуваат од дијабет.

Веќе десетина пати во овие изминати пет години оваа јавна набавка е најавувана, но нереализирана. Станува збор за неопходност од која што директно и неспорно зависи квалитетот на живот, превенција од компликации кои несомнено дијабетесот ги носи со себе, станува збор за нормалниот раст и развој на нашите деца. Изрично бараме таква средба да биде организирана час поскоро и со присуство на сите релевантни чинители како во министерството така и во делот на непосредната здрвствена грижа за децата со дијабетис тип 1, се вели во реакцијата на Баланс мк испратена до медиумите.

Со оглед дека нашите повеќегодишни напори за набавка на Системите за континуирано следење на гликозата во крвта преку Министерството за здравство, односно државата, кои што, патем, сега биле „жртва“ на техничка грешка, како што впрочем на денешната парламентарна седница објасни заменик министерот за здравство, и натаму остануваат во доменот на – разговор на глувите (освен кога избори се во прашање), Баланс МК сепак и овој пат, побара итен состанок со министерот за здравство и надлежните во овој ресор, заради отстранување на „грешката“, се вели во барањето на Асоцијацијата.

Тие од Министерство за здравство бараат итна средба, на тема обезбедување на медицинско помагало – Систем за континуирано следење на гликемии кај децата со дијабетес.

Во моментов во Македонија има околу 600 деца со дијабетес тип 1 (инсулин зависни), меѓу кои повеќето се деца под десетгодишна возраст, а секое од нив поедничено во просек годишно мора да биде околу 3.500 пати боцнато во прстињата за да се измери нивото на шеќер (глукоза) во крвта што е основа во третманот за самоконтрола кај дијабетесот. Таа бројка, пак, заедно со просечната од 1.500 инјектирања со инсулин годишно (за да може нормално да живее детето) изнесува околу 5.000.



Бројката на деца со дијабетес во Македонија, за жал, расте од година во година. Единствено што засега е исто е третманот кон нив!, велат од Баланс мк.

Оттаму објаснуват дека во последните 15 години, третманот на лицата со дијабетес драстично се измени, се подобри. И не само во светски, туку и во рамките на нашето најблиско соседство – земјите како Србија, Црна Гора, Босна, Хрватска, а пратејќи ги препораките и guidelines-ите на WHO и IDF им обезбедија на своите граѓани, пациенти со дијабетес (не само со тип 1 туку и со тип 2 на инсулинска терапија), системите базирани на континуирано мониторирање на гликозата (continuous glucose monitoring system– CGMs).

Голем дел од нас овде во Македонија се веќе нивни корисници (ги обезбедуваме приватно, тешко стигнуваме до нив и ги плаќаме скапо), додаваат од Асоцијацијата.

Обезбедувањето на CGMS за најмладите лица со Дијабетес во Македонија ќе помогне за едноставно и 24 часовно безболно мерење на гликемијата што придонесува за значително подобра гликемиска контрола и намалување на ризиците од долгорочни компликации.
Доколку навистина сакаме и веруваме во животот, а ова за што овде пишуваме е токму мал, конкретен дел од животната реалност, се надеваме дека ова барање ќе наиде не само на интерес кај вас, туку и на сериозна опсервација до целосно и во најитен можен рок реализирање на ова наше барање: Јавна, тендерска набавка на CGMS, велат од Баланс мк.

Претходна статија

Фатиме Фетаи, Мустафа Хајрулахи и Бурим Рустеми кандидати за шеф на Вишото јавно обвинителство

Следна статија

Повторно дојава за бомба во неколку скопски училишта, се евакуираат учениците

Најново од Вести