| |

Ива Михаилова се надева на правичен судски процес и дозвола за лекување во Бугарија

Ива Михаилова, која има бугарско и македонско државјанство, изјави пред судот во Кочани дека се надева на правичен судски процес и дека очекува што е можно побрзо да ѝ биде дозволено да замине на лекување во Бугарија, бидејќи нејзината здравствена состојба, како што вели, секојдневно се влошува, јавува БТА.

Во Кочани денеска се одржува ново рочиште во постапката против Михаилова за учество во сообраќајна несреќа на почетокот на октомври 2025 година, во која загина едно лице, а повеќе лица, меѓу кои и самата Михаилова, беа повредени. Таа е обвинета за тешко кривично дело поврзано со безбедноста во сообраќајот.

По несреќата, на Михаилова ѝ биле одземени личните документи, поради што не може да ја напушти Северна Македонија. Таа тврди дека поради специфичните повреди на ’рбетот ѝ е потребен третман што не може да го добие во земјата и дека досега до судот доставила обемна медицинска документација.

„Се надевам на правично судење, на правичен процес. Само што, според сето она што го гледаме досега, изгледа дека не е така“, изјави Михајлова пред новинарите.

Таа наведе дека досега биле одбиени осум нејзини барања да замине на лекување.

„Секој ден физички се чувствувам сè полошо и полошо. Единствено сакам што е можно побрзо да се вратам во Бугарија и да се лекувам“, рече Михаилова.

На судењето присуствуваат бугарски пратеници од „Прогресивна Бугарија“, ГЕРБ, „Демократска Бугарија“ и „Преродба“, претставници на Амбасадата на Бугарија во Скопје, како и бугарски адвокати. Во судницата се и роднини и пријатели на загинатиот и на повредените во несреќата, вештаци и претставници на бугарски и локални медиуми.

Пратеникот од ГЕРБ и поранешен бугарски министер за надворешни работи Георг Георгиев изјави дека најважно е на Михаилова да ѝ биде обезбедена квалитетна медицинска грижа и да бидат гарантирани нејзините граѓански и човекови права. Според него, присуството на бугарските претставници има цел и да се увери дека постапката ќе биде непристрасна и заснована врз „вистината, објективните факти и околности“.

Елисавета Белобрадова од „Демократска Бугарија“, заменик-претседателка на парламентарната Комисија за политиките за Бугарите надвор од земјата, рече дека пратениците се во Кочани за да бидат сведоци дека Михаилова ќе добие правичен процес и дека нејзините човекови права и здравствената состојба ќе бидат заштитени.

Таа нагласи дека нема да го коментира текот на постапката по суштина, бидејќи, како што рече, почитувањето на владеењето на правото подразбира и почитување на судот како институција на суверена држава.

Пратеникот Ангел Георгиев од „Преродба“, пак, упати критики кон постапувањето на обвинителството, оценувајќи дека покажува тенденциозност и дека Михаилова неоправдано не добива дозвола да замине на лекување во Бугарија.

Бугарските пратеници кои го следат денешното рочиште се Иван Голомеев, Бојко Младенов и Борислав Георгиев од „Прогресивна Бугарија“, Георг Георгиев и Красимир Терзиев од ГЕРБ, Елисавета Белобрадова од „Демократска Бугарија“ и Ангел Георгиев и Крстјо Врачев од „Преродба“.



Слични Објави