Ивановска: Секој гласач сам одлучува – важно е идниот градоначалник да го штити јавниот интерес
Кандидатката за градоначалничка на Општина Центар, Билјана Ивановска, која во првиот изборен круг освои 4.465 гласа и се пласираше трета, соопшти дека нема да им препорачува на своите поддржувачи кого да поддржат во вториот круг, истакнувајќи дека „секој гласач си е здраворазумен и има право и одговорност кому ќе го даде својот глас“.
Ивановска порача дека е важно идниот градоначалник да носи одлуки „во полза на сите и во заштита на јавниот интерес и здравата животна средина“. Таа побара ревизија на деталните урбанистички планови што не се во согласност со Генералниот урбанистички план и јавна достапност на сите издадени дозволи за градба.
Советниците од платформата „Независни заедно“ најавија конструктивна соработка за проекти од интерес на граѓаните, но и критички настап кон сомнителни одлуки. Нивната носителка за Град Скопје, Јана Белчева – Андреевска, најави дека платформата ќе продолжи со собирање потписи за регистрација како граѓанско-политичко здружение.
Во вториот круг на изборите за Центар на 2 ноември ќе се натпреваруваат актуелниот градоначалник Горан Герасимовски (СДСМ) со 8.535 гласа и Мирослав Лабудовиќ (ЗНАМ, поддржан од ВМРО-ДПМНЕ) со 5.707 гласа.
