Избори без избор, зошто уставните измени мора(а) да се случат пред изборите?
Facebook статус на Никица Корубин
Гледајќи ги изборите во Србија и агонијата на тамошните граѓани, барем оние слободните и либералните; со флагрантниот изборен инжињеринг; не е лошо да се потсетиме дека “сестринска поддршка” на српската власт даде нашата опозиција, а нашата позиција пак спротивно на тоа не даде апсолутно никаква поддршка на нивната “сестринска левичарска опозиција”. Тие својата поддршка ја испорачуваат преку Отворен Балкан. Дали тоа значи дека за сите нив се прифатливи овој тип на “избори” и уште поважно овој тип на власт? Од кој аспект сакате, ЕУ кандидат, НАТО членка, ОБСЕ претседавач, одговорен сосед?
Зошто е ова важно и за нас? Од повеќе аспекти, видлививи и невидливи. Освен што оваа агонија веќе ја поминавме во наш контекст, агонија за барање на владеење на правото и функционален систем, кое патем речено не е завршен процес; битно е и поради нашиот ЕУ пат, кој партиите сакаат да го врзат за нашите избори за неколку месеци. Кое врзување всушност претставува избегнување на истото. И ако точката што ги спојува српската власт и опозиција е нивниот однос кон независноста на Косово (убиствено за опозицијата); дали точката што ги спојува нашата власт и опозиција се уставните измени (убиствено за власта)? Со мала, но битна напомена, дека власта кај нас е проевропска (декларативно или суштински), а опозицијата во Србија е секако антикосовска.
Зошто уставните измени се врзуваат за изборите? И дали на тој начин, всушност се партизира и узурпира нивната суштина, а на тој начин се легитимира опозицискиот наратив, на дезавуирање и релативизирање на правниот поредок (“не ја прашавте опозицијата”)?
И зошто власта би имала корист од тоа? Во демократско општество, и уставното уредување на поделба на властите, институциите на системот ги носат одлуките, а не партиите. И ги исполнуваат обврските на државата. Каква што е преговарачката рамка и условот за внесување на Бугарите во преамбулата на уставот. А, преговарачката рамка е дел од стратешки и егзистенцијален процес за државата за зачленување во ЕУ. Ирелевантно е кој е власт, а кој е опозиција во моментот. И преку неизвршување на тие обврски, парадоксално, нашата законодавна власт ја блокира сопствената држава.
Зошто тогаш, власта не ја обавува својата функција? И при тоа, треба да имаме предвид дека имаме двојно разбирање на поимот власт: уставно и партиски. Уставната, односно законодавна власт се сите пратеници, и позиција и опозиција, а демократијата вели дека мнозинството одлучува. Ако мнозинството одлучило дека ЕУ е наш стратешки приоритет и дека ќе го следиме и прифаќаме процесот во целина, вклучително и преговарачката рамка, тогаш обврска за парламентот, односно за сите пратеници се уставните измени. И зошто тогаш не го завршуваат процесот на уставните измени?
Тука на сцена стапува “партиската власт”, која директно го кочи и опструира овој процес, и на тој начин ја загрозува целата држава. И тоа “партиската власт” и на опозицијата, но и “партиската власт” на позицијата. Зошто инаку, би ги врзувале уставните измени со исходот на изборите, кога тој реално нема никаков удел во исполнувањето на обврската на државата?
И дали на тој начин, наместо да се превенира и акцентира, “партиското самоволие” и директно мешање во уставните надлежности на законодавната власт, преку постојано одложување, компромитирање и обесмислување и на уставните измени, но и на целиот преговарачки процес; власта ја “фаворизира партиската власт” на сметка на “уставната власт”, доведувајќи ги оние кои единствено имаат легитимитет да одлучуваат, пратениците, во подредена положба?
Затоа што практично, со вакво партиско и партократско форсирање на изборниот наратив за “европски фронт” наспроти “антиевропски фронт”, всушност се делегитимира актуелниот пратенички состав, кој патем речено, само уште треба да избере техничка влада и да се самораспушти; на сметка на “легитимирање и фаворизирање на пастиската власт”?
Оваа поигрување со уставните темели на државата, и избегнување на очигледното, повеќе не’ води кон (сцените од) Србија, отколку кон ЕУ. Затоа што патот до ЕУ е единствено преку системот и функционалноста на истиот. И ниту било кое претпоставено мнозинство кое ќе следи после изборите не може да го реши поинаку од сегашниот пратенички состав.
Тоа не е прашање на бројки, туку прашање на намера или отсуство на истата, која само се крие позади изборите. А, единствениот валиден избор, изборот за ЕУ, граѓаните и државата одамна го направија, редно е нивните избрани претставници да се изјаснат. Го почитуваат и спроведуваат тој избор, или го блокираат и загрозуваат? Загрозувајќи не’ на тој начин секој нас поединечно, и сите како општество.

