Изградбата на граничниот премин „Струмјани-Берово“ може да започне
Суштинската изградба на граничниот премин меѓу Бугарија и Северна Македонија „Струмјани – Берово“ може да започне, откако бугарскиот министер за животна средина и води Јулиан Попов ги потпиша сите еколошки процедури, јавува БНР.
Најтешкиот дел од процесот – одобрувањето на извештаите за влијание врз животната средина – веќе е завршен, и тоа во пократки рокови од очекуваното. Во меѓувреме се усогласени и барањата за инфраструктурата на самиот пункт во однос на царинската и граничната контрола, изјави градоначалникот на општина Струмјани, Емил Илиев.
„Додека течеа овие процедури, паралелно се одвиваа и усогласувањата низ сите институции што се заинтересирани и поврзани со одобрувањето на овој проект, така што мислам дека на крајот работите може да се случат многу побрзо“, објасни Илиев.
Веќе е одобрена и осумкилометарската траса на патот до границата, при што е избрана пократката и поповолна за природата варијанта. Нарачатели на проектот се областниот управител на Благоевград и Агенција „Патна инфраструктура“, а вредноста на реализацијата изнесува 5,5 милиони евра.
Градоначалникот на општина Струмјани изрази уверување дека до крајот на програмскиот период – 2029 година, новиот граничен премин меѓу Бугарија и Северна Македонија ќе биде ставен во функција.
„Постојат загрижености и од страна на управувачкиот орган на програмата „Бугарија – Македонија“ дека нема да има доволно време до крајот на програмскиот период, но ние ќе направиме сè што е можно како локална власт, и секако со Обласната администрација, која е бенефициент, да се реализира сето тоа во рамките на овој програмски период до 2027–2029 година“, заклучи Илиев.

