|

Изложбата „Горчлив шеќер“ е поетична, хумористична и трагикомична приказна за хаотичната современост

Утревечер, во 20 часот, во Музејот на современетата уметност – Скопје ќе биде отворена изложбата „Горчлив шеќер“ на македонскиот уметник Ѓорѓе Јовановиќ. Куратори на овој комплексен мултимедијен проект се Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец.

Проектот е составен од два дела, просторна инсталација и анимации и видеа, осмислени како фрагменти од актуелната стварност и современиот живот, кои во себе содржат знаци, состојби и ситуации, кои истовремено функционираат во преиспитувањето на локалниот контекст, но овозможуваат и исчитување на влијанијата и меѓузависноста во глобалните текови.

„Во духот на Лотреамон би можел да кажам дека „Горчлив шеќер“ е приказна за случајната средба на Калимеро, една запалка и Доналд Трамп на операционата маса, па оттаму користејќи го искуството на надреализмот и дадаизмот, но сега ставени во нашиот современ, хаотичен контекст, сакав да искреирам дела и простори коишто нема да илустрираат или дефинираат одредени појави, туку повеќе ќе предизвикуваат прашања и критичко промислување на светот во којшто живееме денес. Ми беше важно отвoрањето на теми, кои не се толку често третирани на нашата современа ликовна сцена, како и создавањето на простор за соработка на различни уметнички дисциплини и пробивањето на острите или воспоставени рамки на уметничка креација и продукција“, вели уметникот Јовановиќ.

Замислен како „тотално уметничко дело“, овој проект преку богат иконографски фундус и комплексна мрежа од релации и комбинирање на неколку уметнички дисциплини (визуелна уметност и експериментален филм, анимации и музика) се фокусира на продлабочувањето на врските помеѓу овие уметнички форми, како и истражувањето на можностите за создавање нови уметнички содржини. Јовановиќ преку овој проект прави интегрирање на целокупната негова творечка практика која опфаќа најразновидни изразни форми и медиуми од цртеж и инсталација, до перформативност и интерактивност.

„Проектот претставува синтеза и надоградување на искуствата на историската авангарда, особено на дадаистичките и надреалистичките интервенции, во обид да ги трансформира и употреби во современиот контекст, обременет со предизвиците на (пост)пандемиска политичка и технолошка реалност. Преплетувањето на реалното и надреалното и екстремните точки на нивното среќавање се одразува и преку спојувањето на разните жанрови. Во просторната инсталација која ја сочинуваат огромен број слики и објекти, како и анимациите кои ја активираат, Јовановиќ создава повеќедимензионална наративна мрежа низ која бројните протагонисти и различните состојби во коишто се наоѓаат, се трансформираат на едно друго ниво, како тотална слика за хаотичната современоста“, велат кураторите Јанчевски и Варошанец.

Анимираните видеа се колекција од поетични, хумористични и трагикомични приказни работени според раскази од неколку претставници на поновата генерација македонски писатели (Румена Бужаровска, Петар Андоновски, Алекс Букарски…) како и идеи на Јовановиќ. Во нивниот фокус се неизвесноста, игноранцијата, преку лични приказни, трагедии и неволји на луѓето на маргините, и преку прикажување на екстреми на човековото однесување во борбата и разбивањeто на стереотипите во патријархалното општество и потрагата по правда и слобода.

Овој проект, преку повеќеслојна и мултисензорна уметничка интервенција има за цел да отвори простор за преиспитување на меѓучовечките релации и да проговори за состојбите на локално и глобално ниво во услови на сложена општествена ситуација, која е одредена од бројни кризи и егзистенцијална неизвесност.

Проектот се реализира со финансиска поддршка од Министерството за култура на Република Северна Македонија и Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко-свест“

Изложбата ќе биде отворена до 10 февруари 2024 година.



Слични Објави