|

Јанакиески бара супервештачење за да докаже невиност во случајот „Топлик“

Да се направи супервештачење на предметот „Топлик“, бара одбраната на ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.

Ова е доставено до судот бидејќи, според обвинетиот, има противречности помеѓу вештиот наод на Обвинителството и стручното мислење предложено од одбраната.

За дополнување на доказната постапка, Јанакиески предложи и други докази, како и четворица нови сведоци.

Судечкиот судија Осман Шабани за предлозите ќе одлучи во наредните денови, а одлуката ќе ја соопшти на наредното рочиште закажано за единаесет дена.

Со овие докази Јанакиески и другите обвинети ја докажуваат својата невиност во случајот за продажба на државно земјиште за изградба на комплексот „Сончев град“ во Сопиште.

„Сметаме дека неопходно е да се изведе стручно мислење од технички советник, што е одговор на изведени материјални докази од Обвинителството. Но, исто така е и одговор на поднесоците од јавниот обвинител во однос на барањето за произнесување штета до Владата и Министерство за финансии и нивните одговори. Во ова мислење, споредено со претходните, земени се предвид и сите забелешки на јавниот обвинител, но има и нови аспекти. Првпат се пресметува колку е заштедено во однос на плаќањето камати, кои биле барани, во однос на шетата, кои не се исплатени“, образложи Јанакиески.

Предложено е и правно мислење од професорот Никола Тупанчевски од Правниот факултет „Јустнинијан Први“, кое е изработено за овој настан. Јанакиески побара и сослушување на поранешниот член на Државната изборна комисија, Сашо Срцев, како и на поранешниот вицепремиер за економски прашања, Владимир Пешевски.

„На пример, потребата за сослушување на сведокот Сашо Срцев произлегува од исказот на сведокот Емилија Путилин. Сите обвинети во своите искази го посочија Срцев како учесник во дејствата на овој кривично-правен настан. Владимир Пешевски го предлагаме поради новите околности што се јавија во текот на постапката и тоа од исказ на сведок кој елаборира за активностите на Пешевски. Исто така, Пешевски беше дел од материјалниот доказ стенограмски белешки од седница на Владата. Шпреса Битаху сметаме дека е еден од клучните сведоци што треба да се сослушаат. Последниот сведок е Ацо Костадиновски, кој во критичниот период бил раководител на Секторот за финансии, а поврзано со материјалниот доказ доставен во листата на докази“, додаде Јанакиески.

Следното рочиште е закажано за 20 декември.

Извор: Темите

Слични Објави