ЈАНЕ ЧЕНТО И ИГОР ЈУГ НЕ САКААТ АМНЕСТИЈА
Обвинетите за настаните од 27 април Јане Ченто и Игор Југ изјавија дека нема да бараат амнестија и дека сакаат судот да им пресуди за нивните дела.
„Сакам да ни судите вие, а не политичките елити. Сите овде, а најмногу вие како суд сакаме да се дознае вистината. Влеговме во Собранието понесени од емоции, но секој мора да си понесе одговорност за стореното. Не може да не помилуваат за дело кое не е докажано. Време е да покажеме дека сме правна држава и дека судската власт е независна. Вие како суд пресудете ни, а не политичките елити. Нема да барам амнестија, и сакам вие да ми судите, а не политичките елити“, рече пред судот Јане Ченто.
Од своја страна пак Игор Југ истакна дека не сака да биде монета за поткусурување.
„Ниту јас нема да поднесам барање за амнестија и правдата ќе ја докажувам пред вас кои сте единствени легитимни и надлежни да одлучувате за нашата невиност. Не го признавам селективниот закон за амнестија и не дозволам да бидам ничија монета за поткусурување“ рече Игор Југ.
