„ЈАВНА СОБА“: СЕ ОРГАНИЗИРА ПРОТЕСТЕН МАРШ ЗА ПОДДРШКА НА ЖРТВИТЕ И ЗА КАЗНИ НА АДМИНИСТРАТОРИТЕ И ЧЛЕНОВИТЕ
Платформата за родова еднаквост в среда (3 февруари) ќе организира протестен марш за поддршка на жртвите на групата Јавна собра.
Маршот е закажан во 14:30 часот, а ќе почне од Министерството за внатрешни работи до Јавното обвинителство.
„Бараме од Јавното обвинителство неодложно и темелно да го расчисти случајот ’Јавна соба‘, кој претставува кривично дело во кое голем број жени се жртви на родово засновано насилство. Бараме соодветни казни за администраторите на групите, како и сите членови кои праќале и сè уште праќаат фотографии и пишуваат лични податоци на девојки и жени. Бараме и инсистираме сексуалното вознемирување преку интернет посебно да се регулира и во Кривичниот законик. Бараме соодветна грижа за жртвите од надлежните институции“, велат организаторите.
Овој случај, велат тие, е шанса институциите да покажат дека се залагаат за женските права и во пракса, а не само декларативно.
Протестот, нагласуваат од Платформата, ќе биде организиран со сите заштитни мерки односно ќе се носат маски и ќе се држи дистанца, а адекватен број редари ќе се погрижат тоа да биде така за време на целиот настан.
За измените во Кривичниот законик, кои се едни од барањата, по случајот со „Јавна соба“ се огласи и министерот за правда, Бојан Маричиќ.
„Министерството за правда ги изработи измените на Кривичниот законик со кои се обезбедува значително поголема заштита на жртвите, како оние од ’Јавна соба‘. Измените се во согласност со Истанбулската конвенција и опфаќаат широк спектар на случаи кога жртви на сексуално, психичко и физичко насилство се жените. Никој не треба да го премолчува насилството! Да не стравуваме, да бидеме гласни и заедно да се избориме против насилниците“, напиша министерот Маричиќ на Фејсбук.
Последните информации во однос на расчистувањето на случајот се дека има четворица приведени, како и дека групата на платформата Телеграм е затворена. Но, истовремено се појави и друга слична група, за која министерот Оливер Спасовски вчера попладне најави дека ќе се постапи на истиот начин.