Зошто Србија се плаши од Бугарија?
Ели Јурукова/БГНЕС
Овој прашање е неизбежно, затоа што во Белград повторно започна да се зборува за бугарскиот нож во грбот на Србија и нашироко се дискутира дали Србија треба да се пази од неговата оштрица.
Очигледно Белград се плаши дека промените во регионот и во соседните држави, сосема неодамна во Бугарија и Унгарија, можат да донесат промени во самата Србија, а тоа може да предизвика многу брзо политичка епидемија при претстојните избори таму. Ова е најголемата опасност за Србија и за Вучиќ, кои сакаат по секоја цена да ја оддалечат од какви било можни промени. Затоа во коментарите и анализите во медиумите со политичка реторика се акцентира врз прогнозите за зачувување на досегашната политика на идниот бугарски премиер Румен Радев, кој нема да ги промени своите позиции во однос на правата на бугарското малцинство во Србија. Се прогнозира можно ново блокирање од страна на Бугарија на нови кластери во мачниот српски евроинтегративен процес.
Истовремено аналитичарите во провладините медиуми протнуваат апсурдно тврдење дека Белград досега плаќа, а ќе плаќа и во иднина цена за добрите односи меѓу Србија и Северна Македонија, со која Бугарија била во конфликт.
Изјавите на Радев дека проектот „Српски свет“ е исклучително чувствителен и за Бугарија и дека европските институции треба да реагираат, се новата стара опасност за Вучиќ. Никој не му верува дека оваа идеја не постои, иако тој категорично ја негира со внатрешнополитичка цел.
Србија има опасен политички манир на секој чекор да гледа непријатели. Неодамна Вучиќ изјави дека ако Господ го праша што им направил на Бугарите, нема да може да одговори.
Можеби од страна на Софија уште еднаш треба да дојде објаснувањето дека српскиот политички цинизам, стравот од промени, историските измислици и грубото прекројување на историјата, српскиот евроскептицизам и маневрите наспроти политичката и социјалната неизвесност околу бугарското малцинство во Србија, ја тераат Бугарија да го забавува српскиот пат кон Европа. Се разбира, со големата надеж дека нејзиниот западен сосед ќе го промени својот национализам и лажен патриотизам. Оваа реторика нема почва во Бугарија и кој и да дојде на власт, Софија останува верна на европските вредности.
И во Србија неминовно порано или подоцна ќе дојдат промени. Бугарија, за разлика од Србија, ќе ги прифати како политичка реалност. Србија не треба да се плаши од бугарската политичка лекција.
И секако, најинтересни се реакциите на социјалните мрежи под насловите за бугарскиот нож во грбот на Србија. Еден Србин е воодушевен: „Бугарите се наши браќа ако нè блокираат во ЕУ. Ете, и во лошото има нешто добро“. Друг вели дека ако Бугарија ја блокира Србија на европскиот пат, всушност ѝ прави голема услуга. А трет објаснува: „Во Димитровград нема ниту една банка, дури и државната е затворена. Нема индустрија, луѓето работат во Бугарија за дневница, децата им учат во Софија. Отидете да видите, наместо да се правите луди“.

