Јазикот наш, насушен…
Владимир Перев
1.
Поминаа 123 години од Илнденско-Преображенското востание и 82 години од Првото заседание на АСНОМ на манастирот “Св. Прохор Пчински“. Ти два настани ја обележуваат современата историја на македонскиот човек, најмногу на македонските бугари. Во Востанието, заедно со нашите еднородни од Костурско и Одринско, дадовме огромни жртви, а од борбата против “фашизмот“ и заседанието на АСНОМ, ние во Македонија, како и нашите во Бугарија, го загубивме цветот на македонската/бугарската ВМРО-вска проевропска интелигенција и влеговме во новото духовно ропство – болшевизмот! На народот во Македонија (денешна Северна), единствениот “капитал“ од речи си стогодишните борби, му остана само кодификацијата на македонскиот книжевен јазик, чии темели на новото македонско писмо беа поставени и кодифицирани на АСНОМ 1944 год.
2.
Денес во Македонија, поголем дел од младите и луѓето во средни години мислат дека ние, македонците, отсекогаш сме пишувале со ова денешно писмо и сме говореле на овој начин. Огромната медиска пропаганда, инспирирана од еден брутален и бескомпромисен македонизам, со целата своја вулгарност и просташтво го убедуваше овој народ дека “Александар Македонски јадел грав со суви пиперки“, а на византискиот двор, “императорите и велможите јаделе компири“. Така пропагандата успеа да го прескокне Откривањето на Америка од Колумбо (1492 г.), како што го прикри и јазикот на кој пишувале (па и говореле) нашите преродбеници и револуционери.
Затоа денес останува нејасно, каде се почетоците на македонскиот јазичен, па ако сакате и национален сепаратизам; дали се тоа срамежливите навестувања на „Лозарите“ за некакво ново, “наше“ писмо, дали се тоа русофилските небулози на Мисирков, или пак, корените се многу подалеку, некаде во неразумните позиции на Марин Дринов и неговите руски зависности. Единствено Шапкарев, со своите молебствија за вклучување на македонските (западните) дијалекти во бугарските писмени и јазични позиции, свесен за иднината на бугарското племе, останува најсветлата точка на своето време.
3.
Како и да било, Македонија на 2 август 1944 година, на Илинден, доби македонско писмо со графеми далеку од здравата памет. Пишаните букви Љ Њ Ќ Ѓ, цел мој Прилеп не може да ги изговори до денешен ден, а и половина Македонија има проблеми со изговорот. Добивме концепција на македонски книжевен јазик од централното подрачје на Македонија, но злобниците велат дека тој јазик има “писменост на бугарски јазик со српска машина за пишување“. Целта била јасна-да се формира писмо, а потоа и јазик, кои ќе бидат блиски до српскиот, за потоа преку соодветната писменост да се транспонираат во “заеднички“ јазик. Успешна имитација на тезите на Стојан Новаковиќ. Впрочем, истакнатиот македонски лингвист Трајко Стаматоски, најверниот последовател на Блаже Конески, непосредно пред својата смрт предизвика јавна расправа околу неговото мислење дека ние сме, и дали треба да бидеме “двојазична“ српско-македонска нација (во 1988, пред распадот на СФРЈ). Во некои (квази)научни кругови, таа расправа се води до денешен ден!
4.
Од Илинден 1944 година, не престанавме да се бориме за јазикот, но сепак не го научивме како што треба-ниту писмено, ниту говорно. Нашите предци од Востанието 1903 суверено се служеле со бугарскиот, како нивен мајчин и јазик на образованието. Владееле и турски и грчки во определена форма. Интелектуалците, гимназистите од сите (четири) бугарски гимназии говореле и пишувале солиден француски јазик. Тоа е знак дека минало времето на Прличев и Миладиновци, кои го владееле грчкиот по добро од својот домашен, западнобугарски дијалектен говор. Генерациите на кои припаѓам (родените во периодот 1940-1955 год.) никогаш не го совладавме македонскиот јазик во неговата книжевна пишана и говорна форма. Преживеавме најмалку две, а може и три реформи на Правописот, за во најново време да не знаеме дали месеците и нациите се пишуваат со мала или голема буква, дури и да имаме отстапки од “светото“ правило дека множината секогаш се пишува со мала буква – барем така не учеа нашите наставници. Промените во граматиката, синтаксата и морфологијата го блокираа повозрасните генерации со восприемањето на сѐ нови и нови правила. Младата генерација не се интересира за јазикот и писменоста. Тие пишуваат на социјаните мрежи на некаков свој сленг, само на латиница, а во комуникацијата меѓу себе користат англиски јазик. Тоа е почетокот на крајот на јазичниот и писмен идентитет на македонскиот човек. Ситуацијата се влошува и заради фактот што во двојазичните средини (со албанците), македонците не знаат и не сакаат да учат и знаат албански, па така комуницираат на англиски јазик. Ама албанците се јазично над пет милиони, а ние едвам стигнуваме до еден милион.
5.
Во Македонија имаме Институт, комисии и работни тела кои се бават со зачувување и унапредување на македонскиот јазик. Се споменува и ангажирањето на повеќе лектори во македонските институции, весници, портали и телевизии. Тоа не е спас за јазикот. Во кафеански муабети, или во бифето на МРТВ, творците на македонски како Гане Тодоровски, Миле Неделковски, Петре М. Андреевски и ред други, честопати говореа деке лекторските интервенции “го сушат јазикот“ и на авторите им ја одземаат творечката имагинација. Сепак, тоа не важи за нас обичните граѓани, тоа е проблем на творците…
Денес македонскиот јазик (со фуснота или без неа) постои. На тој јазик ние говориме и пишуваме, но од нас самите зависи во која форма и до кој степен ќе го совладаме. Директна опасност по македонскиот јазик нема, имаме само решливи проблеми; со бугарите треба да го решиме временскиот простор во минатото на она што ние го нарекуваме “наш“ јазик и држава, а со грците го имаме терминолошкиот проблем со изразот “македонски“. И двата проблеми се решливи, треба само разбирање, најмногу од наша страна…и нека ова не звучи капитулантски или предавнички, ве молам!
6.
Проблемите со јазикот лежат во нас. Имаме полуписмени политичари кај кои не можеме да ја разбереме пишаната реч, имаме политичари, интелектуалци па и новинари со простачки и несоодветен вербален израз, имаме родители кои јазично не можат да им објаснат на своите деца елементарни поими на македонски. Треба да се каже дека основниот проблем лежи во медиите, најмногу во телевизиите. Лошиот говор на новинарите, полуписмените текстови кои врват на кајрон, ниската, речи си никаква домашна продукција, го уништуваат македонското јазично ткиво. Мало е количеството на македонскиот збор и израз вон пределите на РСМ. Во меѓувреме гледаме странски серии и фолмови со лош превод на македонски, а врв на непогодата се преводите на српските серии. Тоа се несоодветни преводи, прилагоден македонски јазик на српските изразни можности и нивниот познат повеќеслоен сленг и српскохрватските дијалекти.
Најлоша е ситуацијата со синхронизацијата на турските серии. Таму се нуди говорен македонски јазик кој се слуша само во одредени ареали во скопско и во периферии на македонските градови. Слушаме просташтва во изразот и тоа на македонски, го слушаме нашиот јазик со акцентуација која никој не ја говори, слушаме латентна јазична и сликовна агресија. Тоа е полтиката на големите медиски тајкуни, кои ги полнат часовите со “обработена“ програма, наместо со своја продукција, вршејќи директен атак на слухот и говорниот апарат на македонскиот човек.
7.
Не е важно што мислеле Блаже Конски и соработниците кога го “правеле’ македонскиот јазик и правопис. Не е ниту важно дали е тоа “македонски јазик на српска машина за пишување“, дали од дијалект станал јазик и не е воопшто важно што грчката политика мисли за “македонскиот“ јазик. Важно е дека тој јазик ги нема падежите на српско-хрватскиот, по чиј урнек и методологија беше правен, важно е што говориме без падежни форми и со членување, со префикси и суфикси, исто како и во бугарскиот јазик и најважно е што е сочувано единството на бугарско-македонската јазична форма. Пишаната форма е нешто што лесно се совладува, а говорниот јазик е жива материја, тој се менува и прилагодува. Затоа Мицкоски и македонските србомани се плашат од “бугаризацијата“…не дека “ние ќе станеме бугари“, туку ќе се види дека ние сме единствено јазично подрачје, со мали отклонувања во лексиката, дека ние сме навистина еден народ. Колку и да звучи необично и вонвременски, македонскиот јазик беше и остана единствената одбрана од србизацијата на Македонија.
Така, па макар и идеолошки осакатени и национално упростени, се реализирани идеалите на ТМОРО/ВМОРО/ВМРО и тоа е нашиот поклон пред жртвите на Востанието и комунистичкиот терор.
