Јохансон: Целта ми е Бугарија и Романија да бидат во Шенген до крајот на годината
Бугарија и Романија се многу добро подготвени за Шенген, изјави еврокомесарот за внатрешни работи Илва Јохансон, јавува БГНЕС.
„Нема да се откажам од мојата цел, а тоа е до крајот на годината да ја донесам одлуката за влез на двете земји во Шенген зоната“, изјави Јохансон.
„Ќе ја искористам денешната прилика да ги споделам нашите забелешки за тоа колку добро се подготвени Бугарија и Романија да пристапат во Шенген зоната“, нагласи еврокомесарот.
Во Брисел денеска се одржува состанок на министрите за внатрешни работи на ЕУ, на кој учествува и бугарскиот министер Калин Стојанов.
На средбата ќе бидат презентирани периодични анализи за состојбата во Шенген зоната. Ќе се разговара и за начините за подобрување на враќањето на мигрантите (одбиените баратели на азил), при што ќе се разгледа не само соработката со трети земји, туку и начините за подобрување на националните внатрешни процедури за зајакнување на враќањето.
Министрите ќе разговараат и за влијанието на настаните на Блискиот Исток и војната против Украина врз внатрешната безбедност на ЕУ.