Јотова побара поддршка од Фицо за исполнувањето на обврските на Северна Македонија на патот кон ЕУ
Претседателката Илијана Јотова и словачкиот премиер Роберт Фицо, кој се наоѓа во посета на Софија, разговараа за проширувањето на Европската Унија, при што истакнаа дека процесот на пристапување треба да се одвива според утврдените правила и врз основа на постигнатите резултати на земјите кандидатки, јавува БГНЕС.
Јотова побара поддршка од Словачка за Северна Македонија да ги исполнува преземените обврски во процесот на европска интеграција.
„Знаете дека имаме одредени проблеми со Република Северна Македонија и нејзиното членство во ЕУ. Ја бараме Вашата поддршка Скопје да ја следи европската политика за пристапување. Веќе четири години не гледаме напредок во исполнувањето на обврските што Северна Македонија ги презеде во 2022 година“, истакна Јотова.
Во разговорот таа ја нагласи и грижата на словачката страна за бугарската заедница, како и за нејзините културни и образовни институции.
„Тоа е исклучително важно за нас“, посочи Јотова.
Таа додаде дека наскоро ќе бидат одбележани 80 години од основањето на Бугарското средно училиште „Христо Ботев“ во Братислава.
Во контекст на соработката во образованието, Јотова ги истакна и лекторатите по бугарски јазик на водечките универзитети во Словачка.
