Јотова во Тирана: Бугарија цврсто ја поддржува Албанија на нејзиниот пат кон Европската унија
Бугарија целосно стои зад европската иднина на Република Албанија. Албанија е важен фактор за безбедноста и стабилноста на овој регион и на цела Европа. Европското членство ќе создаде многу можности за иднината на нашите два народа и две земји. Ова го изjaви потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова на средбите во Тирана со претседателот на Албанија Бајрам Бегај, со вицепремиерката и министерка за инфраструктура и енергетика Белинда Балуку, со претседателката на парламентот Линдита Никола и со министерот за внатрешни работи Таулант Бала, соопштува Прес-центарот на бугарскиот претседател.
Илијана Јотова истакна дека го поддржува пристапот на ЕУ секоја земја да го продолжи патот според својот напредок во преговарачкиот процес. Потпретседателот потсети дека за време на своето претседавање со Советот на ЕУ во 2018 година, Бугарија ја врати европската перспектива на Западен Балкан на дневен ред.
Во фокусот на разговорите на Илијана Јотова беше претстојниот попис на населението во Албанија – многу важен момент за бугарското национално малцинство. Од неговото официјално признавање во 2017 година, ова е прв попис. Потпретседателката се заблагодари на албанската држава за добриот однос кон различните етнички заедници и изрази надеж дека пописниот процес ќе биде транспарентен. Албанските власти ја уверија Јотова дека националниот попис ќе се спроведе според највисоките европски стандарди, со почитување на правата на сите етнички заедници, вклучително и на бугарската.
На средбите на потпретседателката Јотова во Тирана се разговараше уште за можностите за продлабочување на соработката во повеќе сфери, конкретно за проширување на трговската размена, реализација на голем број инфраструктурни проекти, меѓу кои приоритет е завршувањето на Коридорот број 8. Во областа на културата Јотова уште еднаш го подигна прашањето за создавање на национални културни центри во двете престолнини Софија и Тирана.
