| | |

ЗАЕВ И МИЦКОСКИ СО ИСТИ ПОРАКИ ЗА ПРАВДАТА КОЈА ЈА ЧЕКАМЕ КАКО БРОЈЧАНИКОТ НА ТРИУМФАЛНА

„Кој се извалкал кршејќи закон, ќе одговара. Кој направил штета врз буџет ќе одговара. Порано или подоцна ќе одговара, колку и да е бавноста, неприсебноста, тактичноста или било што, на сето тоа што е воспоставено во правосудството 11 години, Ви тврдам секој што е невин ќе ја доживее потврдата за својата невиност“. порача премиерот Зоран Заев, од собраниската  говорница, одговарајќи на пратеничко прашање поставено од Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Вчера по средбата со заменик-помошник државен секретар за европски прашања на САД Метју Палмер, Христијан Мицкоски пак изјави дека е потребно Македонија да се стави на брзата трака за членство во Европската унија преку сериозни сеопфатни реформи и дека е потребно ресетирање на општеството и безусловна борба против корупцијата и апсолутна правда.

Правда на Заев досега не беше почувстувана од поранешниот премиер Груевски, разузнавачите Грујевски и Бошковски, поранешната министерка за внатрешни работи Јанкулоска и ниту еден функционер на ДУИ. Правдата во притвор, како исклучок ја чекаат поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски.

Апсолутна правда чувствуваат и ситните риби кои беа насанкани да влезат во Собранието на 27 април 2017, без на овој списокот да стои името на Крсто Мукоски кој ги отвори вратите на парламентот тогаш.

Во однос на Мицкоски се поставува пак прашањето дали неговата апсолутна правда нема да личи на таа сегашната. Големите надвор-малите внатре?

Ако сакаат граѓаните да видат што е тоа апсолутна правда треба да гласаат за Мицкоски, на истиот начин како што гласаа за Заев за да го видат бројчаникот на Триумфална што требаше да ги брои вратените украдени пари, што се враќаат во буџетот на РМ.

Премногу ветувања дадовте г-да од двете прејадени со власт партии. Вашите партиски тела ќе ве гласаат, но вие се плашите од тие што не се зависни од вас. Нив сакате да ги натерате да останат дома со истата реторика и празните ветувања со кои се служите. Нема да ве огрее тоа сонце, да си знаете уште од сега, бидејќи веќе сте во кампања иако изборите ги закажавте дури во април. Нема да ве огрее бидејќи граѓаните се разбудени и знаат што можете да им понудите, вие самите како личности, а и партиските пајташи што ќе ги облечете во власт.

Автор: Атанас Величков

Слични Објави