| |

ДЕПРЕСИЈАТА КАЈ ДЕЦАТА И МЛАДИТЕ МОЖЕ ДА ИЗГЛЕДА И ПОИНАКУ!

Клиничката слика на депресија кај младите и децата може да ги има истите манифестации и симптоми како кај возрасните(наведени во претходниот статус), но и да биде манифестирана на различен начин. Депресивноста има повеќе лица.
Додека возрасните со депресија имаат тенденција да изгледаат тажно, децата и тинејџерите со депресија може да изгледаат повеќе раздразливи и лути, со хостилно и агресивно однесување.

Може да се забележат промени во однесувањето, како што е зголемениот пркос и намалувањето на оценките на училиште. Детето/младиот запаѓа во невољи многу повеќе од вообичаено, или пак се појавува досада од работите кои претходно му биле интерес. Притоа вешто го кријат прекинот на активностите.
Некои деца со депресија често имаат физички поплаки. Тие можат да имаат повеќе стомачни болки и главоболки отколку нивните врсници.

Некогаш депресивноста, особено кај младите се перцепира од страна на родителите како мрзеливост и неодговорност или не мотивираност за учење, немање дисциплина, и уште толку се упатуваат критики и притисок кон нив кои дополнително ја усложнуваат ситуацијата. Од друга страна тоа може да е резултат на пад на вољата и падот на концентрацијата, вниманието и енергијата, појавата на психофизичкиот замор и пасивноста, односно симптоми со кои младите се соочуваат. 
Загрижувачки се и типични промените и влошувањето на комуникацијата со врсниците, учителите и родителите, односно зголемена конфликтност. 
За жал, мора и да се знае дека младите имаат тенденција да се себеповредуваат со сечење по рацете и нозете!

Најчесто самодовербата е ниска, сликата за себе нестабилна и негативна, однесувањето се поризично, повлекувањето се поголемо, а агресивните испади се почести и по интензивни…

Притоа, за жал, конзумацијата на психоактивни супстанци е многу честа кај депресивните млади!

Детето/младиот на прашање најчесто може да инсистира дека е во ред или може да негира дека доживува проблеми.
Постарите деца и млади кои имаат подобро разбирање за тоа што значи депресија може да се чувствуваат засрамени или може да се грижат дека се различни од другите.

Автор: M-р Ивана Хаџиванова, психолог

Извор: Гешталт психотерапија – Gestalt Psychoterapy



Слични Објави