| |

Во Бугарија е отворена најголемата патека за моторни спортови на Балканот „А1 Motor Park“ кај Самоков

Кај Самоков и селото Доспеј свечено беше отворена „А1 Motor Park“ – најголемата и најмодерна патека за моторни спортови на Балканот. На настанот присуствуваа претставници од спортот, бизнисот и институциите, меѓу кои министерот за млади и спорт Димитар Илиев, јавува БТА.

Патеката е долга четири километри, со ширина од 12 метри на правците и 15 метри во свиоците, а капацитетот достигнува до 30.000 гледачи.

Претседателот на Управниот одбор на „Главболгарстрој Холдинг“, Калин Пешов, изјави дека првичната идеја била многу помала: „Првично замислувавме мала патека, но на крај изградивме уникатен објект. Секој може да дојде и безбедно да го почувствува адреналинот.“

Димитар Цоцорков, претседател на Надзорниот одбор на „Асарел-Медет“, истакна: „Овој проект е гордост за нас и симбол на тоа дека можеме да создаваме работи на светско ниво и да придонесуваме за општеството.“

Извршната директорка на „ГБС Енерџи Сolutions“, Зара Кизирјан, додаде дека објектот ја поставува Бугарија на светската мапа на моторните спортови и овозможува безбедна средина за професионалци и аматери.

На отворањето прв возеше автомобилскиот пилот Никола Цолов, а програмата продолжи со трки, дрифт и стунт-шоу. Следната недела се најавени денови на отворени врати за јавноста.

Слични Објави