Јованчев: Оваа Влада, во која ќе влезе и Алијансата за Албанците, ќе донесе само матни тендери и криминал
Оваа Влада е влада на скандали и непонесување одговорност. Откажана е еврообврзницата со причина неразбирлива за финансискиот свет, во исто време Владата со тоа им кажува на инвеститорите колку Македонија е небезбедна. Не им се исплаќа платата на здравствените работници, тоа е уште еден скандал на оваа Влада, рече Зоранчо Јованчев, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, на денешната расправа за разрешување министри.
Според него, оваа Влада со своето однесување испраќа сигнали на нестабилност.
„Издавањето на еврообврзницата е скапо, се плаќаат четири финансиски институции, кои наплаќаат високи провизии, а за повторување на постапката пак ќе се плаќаат провизии“, вели Јованчев.
Ова, како што рече тој, е Влада што ја одбележуваат трагедија со модуларната болница, уништен животен стандард, инфлација со двојна цифра, образование без учебници.
„Ова е Влада што успеа да го крахира здравствениот систем, граѓаните се жалат дека не може да им се препише терапија. Ова е жално и срамно за Македонија. Ова е Влада што се занимава само со лични бизнис-интереси“, рече Јованчев.
Јованчев заклучи дека оваа Влада, која и покрај измените, односно влезот на Алијансата за Албанците, ќе донесе само матни тендери, криминал.
