|

Јовески и Русковска на меѓународна конференција во Република Бугарија

Владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот портедок на секоја демократска држава. Притоа правото мора да биде еднакво достапно до секој граѓанин, а институциите да го обезбедат она да важи за сите еднакво бидејќи селективната правда е најголема неправда, истакна денеска јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески, во онлајн-обраќањето на меѓународната конференција „Судска реформа. Специјализирано правосудство“, што ја организира Јавното обвинителство на Република Бугарија.

„Борбата со организираниот криминал и корупцијата нема да ја постигне својата цел ако се води селективно и по желба и интерес на политички и економски моќници. Таа треба да биде неселективна и да се спроведува со заеднички напори на сите одговорни во државата, во согласност со меѓународните стандарди и добрите практики на развиените демократии“, нагласи Јовески.

Во тој контекст тој особено ја потенцира важноста на меѓународната соработка, но и на специјализирани јавни обвинители, кои постапуваат против овој вид тешки кривични дела.

За улогата на специјализираното Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во македонскиот правосуден систем зборуваше основниот јавен обвинител на ова обвинителство, Вилма Русковска.

„Структурата на кривичните дела што се во надлежност на Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, а кои многу често се извршени во организирана форма од страна на група, која во многубројни случаи е и меѓународна, резултира со спроведување обемни и сложени предистражни и истражни постапки, кои често опфаќаат и примена на посебни истражни мерки. Сето ова укажува на динамиката и комплексноста на работата на јавните обвинители во Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција при совладување на приливот“, рече Русковска во своето онлајн-обраќање.

Конференцијата ја прогласи за отворена главниот јавен обвинител на Република Бугарија, Иван Гешев, кој констатира дека и земјите членки на Европската Унија се соочуваат со потребата од реформи во правосудството, но и со реални опасности за владеењето на правото и основните демократски вредности.

На форумот учествуваа и претседателот на Комисијата за правни прашања на Европскиот парламент, Адријан Лазара, претседателот на ЕUROJUST, Ладислав Хамран, генералниот секретар на Меѓународната асоцијација на јавните обвинителите, Хан Мораал, како и високи претставници од обвинителствата на Шпанија и Италија.​

Извор: Темите

Слични Објави