|

Каевски: Пропаднаа сите лаги на ВМРО-ДПМНЕ за наводно загрозување на македонскиот јазик и идентитет

За само пет години СДСМ успеа да ги реализира двете најголеми стратешки цели на државата. Преку одговорен, државнички пристап успеавме да ги тргнеме сите пречки и Северна Македонија да стане 30та членка на НАТО. По 17 години кандидатски статус конечно и сосема заслужено, ги започнавме преговорите за членство во Европската унија. Сето ова го постигнавме со зачуван македонски јазик со чиста формулација, со заштитен македонски идентитет признат од целиот свет, вели пратеник и портпарол на СДСМ, Дарко Каевски.

Каевски вели дека во ЕУ влегуваме како Македонци кои зборуваат македонски јазик и тоа веќе се гледа и преку првата меѓувладина конференција и преку процесот на скриниг.

„Сега откако прашината од хистеријата падна, јасно се гледа дека пропаднаа сите лаги на ВМРО-ДПМНЕ за наводно загрозување на македонскиот јазик и идентитет. Нема никаква асимилација и бугаризација со кои ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски ја плашеа јавноста. Но и покрај тоа што сите нивни лаги се демантирани, од белиот дворец продолжуваат да шират невистини и да измислуваат конструкции. И денеска ВМРО-ДПМНЕ шири невистини и лаги за некакви нови договори, за некакви нови услови со кои се обидува да ја вознемирува јавноста“, кажа Каевски.

Пратеникот на СДСМ смета дека многу брзо ќе се покаже дека и оваа лага на ВМРО-ДПМНЕ ќе пукне како меур од сапуница.

„Не е првпат ВМРО-ДПМНЕ да лаже кога станува збор за државните и националните интереси. Оваа партија предводена од Мицкоски има проблем секогаш кога државата бележи напредок во евроинтеграциите. За разлика од таквото нивно однесување, СДСМ продолжува со одговорни политики, политики кои го штитат македонскиот јазик и идентитет и кои обезбедуваат напредок во интеграцијата на државата во ЕУ“, кажа Каевски.

Слични Објави