КАКО СЕ ПОЈАВУВА „РУСКИОТ РУЛЕТ“ И ДАЛИ ВООПШТО НЕКОЈ ЈА ИГРАЛ ТАА СМРТОНОСНА ИГРА

Правилата се едноставни. Сè што ви треба е револвер, неколку куршуми и еден или повеќе играчи. Во буренцето на револверот се става еден куршум и истото се завртвува. Потоа играчите го ставаат револверот до глава и го потегнуваат чкрапалото. Во зависност од правилата, буренцето повторно се врти по секое притискање на чкрапалото или се остава како што е. Играта продолжува сè додека некој не го изгуби животот.

loading...

Ова игра поседува мрачна привлечност, која преку своите безброј споменувања во популарната култура станува позната како забава на суперхрабрите (или лудите). Но, од каде доаѓа идејата за руски рулет и колку луѓе всушност ја играле оваа најопасна игра?

Првиот пишан опис за нешто што личи на руски рулет потекнува од последното поглавје на романот „Херој на нашето време“ од 1840 година, на рускиот автор Михаил Лермонтов. Во него, главниот јунак на романот Печорин ја раскажува приказната за поручникот Вулич, козачки офицер кој се вклучува во разговор за судбината на еден човек. Верувајќи дека смртта на човекот е предодредена и не може да се промени, Вулич зема еден пиштол закачен на ѕидот, го става на главата и го повлекува чкрапалото. Кога пиштолот не пука, неговите другари со олеснување помислуваат дека во пиштолот нема муниција, но, кога Вулич ќе го насочи оружјето кон една војничка капа на ѕидот и повторно ќе го повлече чкрапалото, пиштолот пука. Само неколку часа подоцна, Вулич ќе биде убиен од пијан војник кој бркал избегано прасе.

Попознатата форма на руски рулет ќе треба да чека да се појави модерниот револвер со буренце. Најчесто потеклото на играта руски рулет се поврзува со царските сили во 1917 година, кога според еден извор:

„… Нивните офицери чувствуваа не само тоа што ги губат престижот, своите пари, семејства и држава, туку ја изгубиле и својата чест пред колегите од сојузничките војски. Токму затоа како што се вели во изворот, „еден руски царски офицер ненадејно го извадил револверот, на некаков собир го свртел буренцето и го насочил оружјето кон својата глава и го повлекол чкрапалото“.

Цитатот не доаѓа од историски извор, туку од кратка историја објавена во 1937 година, напишана од швајцарско-американскиот писател на авантуристички дела Џорџ Сурдес. Приказната која за првпат е објавена во списанието „Колиер“ во јануари 1937 година, со наслов „Руски рулет“, е во форма на писмо напишано од наредникот Уго Фелдхајм од француската легија на странци до неговиот поручник во кое бара совет како да се прикрие самоубиството на еден колега. – офицерот Бурковски. Бурковски, кој бил зависен од коцкање, го научил својот воен другар Фелдхајм на играта, која ја научил додека служел во руската армија за време на Првата светска војна. Барајќи се повеќе и повеќе возбудувања, Бурковски се почесто ја играл играта, што на крајот ја предизвикува и неговата смрт.

Сепак постои историски доказ дека руските регрути ја вовеле играта во Француската легија на странци, како коцкање засновано на огнено оружје во 1920-тите на минатиот век. Во својата историја за Легијата во 1991 година, авторот Даглас Порч пишува:


loading...

„Руските регрути можеби биле сиромашни војници, но тие се заслужни за ширењето на играта „Куку“. Очигледно увезена од царската армија, Куку е варијација на руски рулет со значително намалени шанси за преживување. Правилата бараат еден легионер, кој се бира преку ждрепка да оди надвор додека неговите другари се редат до ѕидовите на сосема темната просторија. По извесно време легионерот влегува во собата и вика „Куку!“, а неговите другари пукаат во местото од каде што го слушнале гласот“.

На 8 јануари 1938 година, Томас Х. Маркли Џуниор од Остин, Тексас, се самоубива играјќи руски рулет за да го прослави својот 21 роденден. Ова е прв во низата вакви инциденти што ќе однесат десетици животи во следните децении, вклучувајќи ги и оние на R&B музичарот Џони Ејс во 1954 година и актерот Џон-Ерик Хексум во 1984 година.

Најшокантниот од овие трагични настани се случува на 3 септември 1976 година за време на изведба на финскиот илузионист Аимо Леикас, кога тој го изведува својот познат трик со руски рулет. Дејството вклучува полнење на револвер од мешана кутија со вистински и празни куршуми, при што Леикас ги користи своите психички сили за да ги избере само празните. Леикас го изведува трикот без инциденти повеќе од една година, но во тој кобен ден тој случајно избрал вистински куршум и се убил пред публика.

Но, можеби највлијателната уметничка слика за рускиот рулет потекнува од филмот за војната во Виетнам „Ловец на елени“ од 1978 година. Во најскандалозната сцена на филмот, двајца американски војници, чии ликови ги толкуваат Роберт Де Ниро и Кристофер Вокен се заробени од Виетнамците и се принудени да играат руски рулет за забава на нивните чувари.

Фото: Mascamon at Luxembourgish Wikipedia, CC BY-SA 3.0 LU , via Wikimedia Commons