| |

КАМАРАДИТЕ ШТО НЕ’ ОДДАЛЕЧИЈА ОД ЕВРОПА

На 12 април наредната година во нашата земја ќе се одржат предвремени парламентарни избори. Се разбира, одлуката за овие избори дојде во вонредни околности. Премиерот Заев, по политичко-дипломатската одисеја, не успеа да ја оствари својата цел за започнување на долгоочекуваните преговори за членство на нашата земја во ЕУ.

Пред да го прими европското „не“, премиерот, во еуфорија и со многу надежи, изјави дека доколку од ЕУ нѐ одбијат тој ќе си даде оставка.

Владата ги крена знамињата на оптимизам, дури и повеќе од самиот Заев, а на фанфарите на успехот свиреа неговите владини партнери, велејќи дека ЕУ им е најсилниот стремеж.

Арно ама, по маратонскиот состанок, ЕУ рече дека Северна Македонија треба да работи уште, пред да биде подготвена за преговори. Континентот рече „Не“. Заев разбра што се случи, ама дујовите камаради ЈОК! Односно не сакаа да разберат, што впрочем е и нивниот модус вивенди повеќе од една деценија. Убаво рекол Платон, игнорирањето е коренот и стеблото на сето зло.

Со право огорчен, крајно налутен на Европа и имајќи предвид што сѐ направи, и добро и не толку арно, за да се стапне на патеката кон ЕУ, Заев беше подготвен да даде оставка. Но, го посоветуваа дека не е вистинскиот миг за таков потег, па тој од почит прифати. Ама најави предвремени избори.

Во меѓувреме, изблици на емпатија и жалење пристигнуваа од речиси сите страни на светот. Темни облаци надвиснаа над Владата. Ама, пак, камарадите од ДУИ си најдоа начин реториката да ја свртат со критика кон ЕУ, обидувајќи се да го отстранат секој, па и најмал сомнеж, во нивната способност да нѐ одведат кон вистинскиот пат. Уште еден препознатлив трик од репертоарот на НЕ(СПОСОБНОСТА) на ДУИ да ги сврти очите кон секого, но не и кон себе и својата одговорност. Можеби мислат дека Европската Унија е таа што сака да се интегрира во Северна Македонија, а не обратното.

Но, ете, есапот не им излегува! Не ми се верува како една партија која од планина толку брзо замина в канцеларија сѐ уште се обидува да се прави паметна. Субјект којшто не успеа да го совлада преминувањето од планинскиот ров кон канцелариското дувло!

Заев, секако, разбра што се случи. А другарчињата, истите тие поради кои секој пат е тежок, а камоли оној кон ЕУ, си слават. Капата настрана и како ништо да не биднало. И сѐ уште си мислат дека вечно ќе си седат на тронот и дека, врти-сучи, секој ќе ги гледа како верен камарад достоен за игра. Факт што добро треба да се анализира!

Иако со Заев, сакале ние или не, нѐ разликуваат повеќе работи, искрено сакав да го слушнам како гордо изјавува дека започнуваат преговорите. Сакав да видам дека сите негови битки го заслужија оправданието со најавата на датумот за преговори со ЕУ. Секако, не ми е сеедно и длабоко жалам што бевме одбиени, ама не можам да останам имун на однесувањето на ДУИ. Нормално дека тие му припаѓаат на режимот на Груевски, бидејќи ја делеа власта со него и за време на тоа царување направија еден куп (ЗЛО)ДЕЛА, а сега вешто се преправаат дека ништо не се случило по одбивањето. Да се чудиш, да не веруваш! Не знам дали е ова филозофија на оној што знае дека губи, оној чија агонија јасно покажува дека се одбојуваат последните часови на власт. Или, пак, можеби е политички цинизам кој на ЕУ ѝ покажува дека веќе немаат што да загубат!

Мислам дека не грешам ако речам дека ДУИ нема интерес да се интегрира во ЕУ. Знаете зошто? Затоа што јасно е дека никој од нејзините функционери не се однесувал и постапувал на начин што забрзано води кон ЕУ. А да не зборуваме за (не)совеста на лицата кои не поднесоа оставка и покрај обвинувањата за силни коруптивни афери. Гест кој во Европа е минималното нешто што го прави секој осомничен фукционер! Европската правда е хемиски непријател за челниците на ДУИ и нивниот начин на функционирање.

Ќе влезе во историјата дека бевме одбиени, но овојпат сакам историјата да ни биде поука за тоа како да се поставиме кон иднината. А, пред сѐ, кон сегашноста!

Многу е сторено за да се исполнат условите што ги бараше Европа, се смени и името, што сега полека, но сигурно, станува аргумент во устите на повеќемина, а најмногу на истите тие што државата ја доведоа до ова зло, чии корени и последици ќе се чувствуваат со генерации. Сиромаштијата, невработеноста, кратковидоста, партиските вработувања, рекордното отселување, недостигот на доверба во Владата, кратко кажано, се дел од тие последици, коишто ги затекна Заев, човекот од кого се очекуваа чуда, поместување брда и планини. Ќе речам повторно, иако не се согласуваме за одредени чекори и постапки, му симнувам капа за сета храброст и издржливост во околностите што ги затекна и со кои се обидува да се справи. Но, никако не можам да разберам како со помош на закрепостените Камаради очекуваше да влеземе некаде каде што на криминалците им се става црн печат и единствениот пат по кој што им се дозволува да се движат е патот кон решетките!

Се надевам дека на овие избори секоја политичка партија јасно ќе покаже дека го слуша народот во оваа земја кој многу добро знае дека долгогодишните грешки не се толерираат повеќе! На крај, да го цитирам Хенри Форд „дури и грешката може да испадне дека е единствената работа што е неопходна за вредно достигнување“. Ајде, да се стремиме кон тоа достигнување, да си најдеме подобри камаради!

Автор: д-р Арбен Таравари, градоначалник на општина Гостивар

Слични Објави