Камчев ќе гради нова болница и Медицински факултет
Компанијата „Орка Холдинг“ на Камчеви направи нова бизнис-зделка од 1,5 милиони евра со купување на земјиштето од фармацевстската компанија Реплек, коешто се наоѓа во непосредна близина на приватната болница „Аџибадем Систина“. Зделката се одвива преку „Кара“, односно „Орка“, објави Фокус.
Фокус се повикува на податоци од Катастарот на недвижности и нагласува дека се работи за три катастарски парцели (889/24, 889/25 и 889/9), лоцирани помеѓу „Систина“ и „Реплек“, кои се во сопственост на друштвото „Кара“, чиј единствен сопственик е „Орка“.
Според Централниот регистар, како последен директор на „Орка“ фигурира Лилјана Гајдоска, чие име се споменува и во случајот „Империја“, но и таа направи спогодба со Обвинителството.
Фокус пишува дека е обезбедена дозвола за градба од 40.000 квадратни метри, а според првичните проценки планирана е изградба на уште една болница „Мајка и дете“ и Медицински факултет.
Камчев во компанијата официјално фигурира до 2021 година, како неизвршен член на одборот директори, но повеќе не е во управувачките структури.
Извор: Слободен печат

