КАМЧЕВ НАМЕСТО БУГАРСКИ КОНЗУЛ, ОСОМНИЧЕН ЗА ЗЛОСТОРНИЧКО ЗДРУЖУВАЊЕ

Вести Истакнато Македонија

Бизнисменот Орце Камчев сѐ уште не добил „зелено светло“ за местото почесен конзул на Бугарија во Македонија, но се најде во списокот на 12 осомничени во новиот случај на СЈО, „Империја“ за сторени кривични дела злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело.

Бугарија во април годинава го назначи Камчев за почесен конзул во Македонија и испрати барање за егзекватура (слично на агреман за амбасадори) кое е стигнато во македонското Министерство за надворешни работи.

Од МНР велат дека постапката е во тек и процедурата сѐ уште трае, без дополнителни информации.

Според процедурата, барањето се разгледува во МНР, потоа се бараат мислења од Министерството за финансии и Секретаријатот за законодавство при Владата. Кога ќе се комплетира документацијата, министерот за надворешни работи го предлага кандидатот на странската земја до Владата и ако тој или таа добие одобрение, министерот за надворешни му издава егзекватура.

Неколку месеци подоцна, чекајќи го одговорот од македонската Влада, бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева го бранеше ставот на бугарската Влада со тврдење дека Камчев е препознатлива личност во Македонија и Бугарија и во корист на Бугарија е тој да стане нивен почесен конзул. Според неа, назначувањето на Камчев ќе им помогне на билатералните односи во целост во местата каде што Бугарија нема конзуларни услуги.

„Свесни сме за спротивставените мислења за г-дин Камчев и јас ве уверувам дека ако има каква и да е акција од негова страна што ќе го прекрши договорот за добрососедство или Виенската конвенција, ќе бидам прва што ќе преземе мерки. Сметам дека треба да имаме почесен конзул, кој навистина ќе биде со силни позиции и ќе може да и помогне на Република Бугарија“, изјави тогаш Захариева, додавајќи дека Камчев е претседател на фондација која заштитува различни културни настани.

Извор: МКД.мк