МАНЧЕВСКИ: НАЈЕФЕКТИВЕН МЕХАНИЗАМ ПРОТИВ ЛАЖНИТЕ ВЕСТИ Е ВИСТИНАТА

Разно

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, беше дел од меѓународната конференција на тема: „Лажни вести или вистински тролови“, што денеска се одржува во Софија, Р. Бугарија.

Министерот Манчевски се обрати на панел сесијата со фокус на лажните вести во рамки на предизборна кампања, заедно со министерката за бугарското претседавање со Европскиот Совет, Љиљана Павлова, Џустин Фридман, од Амбасадата на САД во Бугарија, Петар Курумбашев и Андреј Новаков, од Европскиот Парламент.

Тој се осврна на изборните кампањи кои во изминатите години се водеа во Македонија.

„Тоа што можам да го кажам од моето искуство е дека добрите и навремени информации се од најголемо значење во секоја модерна демократија. Од друга страна, лажни вести односно дигиталната пропаганда ги поткопува демократските процеси и силно влијае на изборите. Луѓето секогаш ме прашуваат кој е најдобриот начин за борба против лажни вести. Одговорот е многу едноставен и нема никаква врска со технологијата. Тоа е вистината. Вистината е главното оружје против лажните вести. Се разбира, тоа оди рака под рака со зголемување на довербата во институциите, но и во новинарите преку професионализација, образование и постојан развој.
Постои уште еден аспект.Социјалниот сегмент од дигиталната пропаганда, каде што емоциите на граѓаните, нивните скриени стравови, но и нивните основни инстинкти, се охрабруваат и манипулираат преку намерно извртување на фактите.
Лажните вести секогаш ја пренесуваат пораката на национализам, поделба, конфликт, силни емоции, омраза, етнички проблеми …“, посочи министерот Манчевски.

Министерот Манчевски се осврна на мерките кои Владата активно ги превзема во контекст на борба со лажните вести. Како што истакна тој, вредносно Владата е против појавата на лажни вести, дејствува спротивно на манипулацијата, а дополнително концептот на отворена влада ги оневозможува лажните вести.

„Тоа што Македонија го прави во моментов е на ниво на зголемена и активна транспарентност во работењето на институциите. Овој тип на работење го темелиме на три основни столбови: демократизација на медиумскиот амбиент, активна транспарентност и зголемен пристап до информации. Не може да има манипулација околу трошоците на министрите и не може да се шират лажни вести зашто тие трошоци се јавно објавени. Не може да има лажни вести околу сумите на јавните набавки зашто сега секој договор за тендер мора јавно да се објави.
Во фокусот на односите со јавност на владата е отвореноста, транспарентноста и отчетноста. Ние како влада веруваме дека проактивното објавување на информации и отчетноста и транспарентноста допринесува за намалување на лажните вести и пропагандата. Преку ваквото работење се гради доверба меѓу институциите на системот и граѓаните. А колку е поголема довербата, толку повеќе има тежина зборот на владата. Дополнително, активната двонасочна комуникација на Владата на социјалните мрежи, помага за брзо пресретнување на лажните вести“, истакна министерот Манчевски.

Зборувајќи за референдумската кампања, министерот Манчевски, преку пример ги претстави ризиците со кои се соочуваме со секојдневната продукција на лажни вести, особено на интернет порталите и социјалните мрежи, но не ретко тие содржини се превземаат и од традиционалните медиуми.

„Бевме сведоци на дневно и активно лиферувањ на лажни информации преку социјалните мрежи од анонимни профили, кои имаа за цел да влијаат на излезноста на гласачите за време на референдумот.
Движењето „Бојкотирам“ преку десетина високо активни профили за кратко време успеа да се ја преплави социјалната мрежа Твитер со голем број на пораки, меѓу кои имаше и таргетирани лажни информации. Голем број од профилите кои се прокламираат како поддржувачи на „Бојкотирам“ имаа ботовска-автоматска активност, односно се верува дека зад нив не стојат вистински луѓе, туку компјутерски програми. Повеќето од овие активни профили споделуваа про-руски веб-страници како поддршка за нивната кауза. Најјасната употреба на лажни вести во овој период беше сликата која се сподели на Твитер со наводната оставка на МНР Димитров, која за кратко време беше објавена од една угледна ТВ куќа во Македонија. Истите овие профили на неколку наврати споделуваа и слики од луѓе кои гласале на референдумот заедно со говор на омраза и закани за гласачите“, заклучи министерот Манчевски.