КАМИОНИ И ШЛЕПЕРИ ДЕНЕСКА НА ПРОТЕСТ ПРЕД ВЛАДА

/

Превозниците денеска точно во 12.00 часот ќе протестираат пред Владата со барање за укинување на дополнителната акциза на горивата и наместо тоа – воведување прогресивен данок. Оваа дејност е незадоволна од понудените економски мерки како олеснувања за време на кризата.

Секој кој е во возило мора да има маска и ракавици. Возачите на возилата не смеат да излегуваат надвор од кабините поради потребната физичка дистанциранот и забраната за јавни собири. Организаторот тврди дека од цела држава се јавуваат и пријавуваат голем број превозници за да се приклучат на протестот.

„Како опшествено одговорни трговски друштва и граѓани на оваа држава, во поднесениот допис покрај голем број на мерки кои ги бараме, акцент се стави на Барање за укинување на акцизата и замена со т.н прогресивен данок за корона вирус, кој ќе ги опфати сите правни субјекти од стопанските и нестопанските организации (по примерот од 2001 година кога се воведе воен данок), затоа што јасно е дека буџетот на државата е празен.

Со оваа мерка ќе се опфатат подеднакво сите прави субјекти во државата, а особено и големите стопански субјекти, банките, осигурителните компании, телекомуникациите и сите мали, средни и микро фирми како и невладиниот сектор каде се вбројуваат и сите асоцијации, СИЗ, Стопански комори и други Здруженија на граѓани, со што навистина ќе имаме СОЛИДАРНОСТ и секој ќе го даде својот допринос според големината и постигнатите финансиски резултати во претходната година.



За разлика од оваа мерка, со зголемената акциза теретот во првите 2-3 месеци ќе биде само на превозниците, дистрибутери во внатрешниот превоз, граѓани и мал број на други правни субјекти кои работат, а до крајот на годината сите, но сепак олигарсите воопшто нема да почуствуваат ниту ќе бидат засегнати, затоа што не се големи потрошувачи на погонско гориво кое се користи за вршење на дејноста, екстра лесното гориво остана со иста цена“, се вели во повикот за протест.

Останатите мерки кои ги бараат се поврзани со намалување на трошоците, регистрација на возен парк, враќање на ДДВ, компензации со поврат на патна такса и новите обврски за регистрација на возилата, одложување без камата на надоместоци за автоодговорност и зелен картон минимум 6 месеци, враќање на дел од акцизата по принципот на ДДВ, со можност за реципрочно враќање на истата и од другите држави и воспоставување на реципроцитет за враќање на ДДВ од сите држави, подобрување на законската материја која го регулира превозот со заштитни елементи на лиценцирани превозници, како и ревидирање на Уредба за распределба на меѓународни дозволи (распределба на ЕКМТ дозволи).



Претходна статија

МОН ПОДГОТВУВА ПЛАН ЗА ШКОЛСКАТА ГОДИНА, НЕ СЕ ОЧЕКУВА ВРАЌАЊЕ ВО УЧИЛИШТАТА ДО ЈУНИ

Следна статија

ТРАМП ЗНАЕ КАКО Е КИМ ЈОНГ УН, НО НЕ САКА ДА КАЖЕ

Најново од Вести