КАРАКАЧАНОВ: БОГОЈЕСКИ Е БУГАРСКИ ДРЖАВЈАНИН И ТОА Е АПСОЛУТНО ДОКАЖАН ФАКТ
„Петар Богојески од РС Македонија е бугарски државјанин, тоа е апсолутен факт. Дури и македонските медиуми објавија пред пола година за тоа дека господинот има бугарско државјанство. Дури беше објавена и неговата адреса- ул.„Искар“ бр.6. Тоа го имаше во македонските медиуми“, изјави денеска потпретседателот на бугарската влада и министер за одбрана, Красимир Каракачанов, пренесува бугарската агенција БГНЕС.
„Ако не ме лаже помнењето тој е бугарски државјанин одамна, од 2003 година и во тоа нема ништо срамно. Да си бугарски државјанин е прашање на чест. Можеби во 2003 година човекот имал јасно бугарско самосознание, бидејќи за да добиеш бугарско државјанство треба да потполниш соодветни документи дека имаш бугарско потекло и дека мајка ти и татко ти се Бугари. Многу е веројатно неговите родители да имаат документи за крштевање од бугарската егзархија. Тоа не е ништо необично, повеќе од 120 000 македонски државјани имаат и бугарско државјанство и тој е еден од нив“, вели Каракачанов.
На прашањето на новинарите зошто Богојевски реагира толку агресивно ако веќе има бугарско државјанство, Каракачанов вели дека во Македонија ако кажеш дека си Бугарин, стануваш објект на тотален притисок и критики.
Како пример за тоа Каракачанов го наведе последниот случај со претставникот на Македонија за Евровизија, кој стана жртва на голема негативна кампања насочена против него. Според Каракачанов, најверојатно Богојевски се плаши да не си ја расипе политичката кариера.
„Колку што знам Богојевски е виш службеник во нивното Министерство за одбрана и ќе му ја расипат кариерата ако признае дека е бугарски државјанин“, вели Каракачанов.