Каталог на глупостите

//

Пишува: Веселин Желев

Следува краток и нецелосен список на глупостите што и паметни луѓе во Бугарија, во последно време ги зборуваат и пишуваат за желбата на владата на РС Македонија да започне преговори за членство во Европската Унија.

Бугарија мора да побрза. За каде? И зошто? Ние сакаме да ѝ се придружиме на Северна Македонија или таа сака нам да ни се придружи? Ние сме на зорт или тие? Ако сме ние, каков точно е овој зорт?

Треба да ги надградиме односите. Што точно е изградено досега за истото да се надгради? И каде се тие односи? Немаат испратено амбасадор во Софија, нашиот премиер ќе ги посетува. Која е земјата-членка овде и која е кандидатот? Има договор со желби што не го исполнуваат. Има заедничка комисија што ја парализираа. Барем да почнат да си ги исполнуваат обврските од договорот. Ние сме трпеливи, можеме да почекаме. Времето е наше и работи против нив.

Ако не брзаме, Северна Македонија ќе се дестабилизира. И како точно ќе се дестабилизира? Словенското население ќе се судри со Албанците, Власите, Ромите, Торбешите? Треперам од страв. И ако се судрат што од тоа? Само уште еднаш ќе докажат дека се далеку од подготвени да преговараат за членство во ЕУ. Тоа е исто како ние да им кажеме во Брисел: или ќе го одобрите нашиот план за закрепнување или ќе избие војна меѓу Сливен и Јамбол или меѓу Љулин и Факултетот. Во принцип, тактиката „ако не не пуштите да влеземе, ќе се испотепаме“ не влијае на никого во Европа. ЕУ не би била достојна за своето име доколку подлегне на таквите уцени. Ако сепак попушти, тогаш навистина не треба да се сфаќа сериозно.

Тој што мисли дека во Брисел или во другите европски метрополи некој се грижи за граѓаните на РС Македонија, или не бил таму или верува во Дедо Мраз. Особено кога пожарот во Украина може да се запали утре. И пред претседателските избори во април во Франција, која во меѓувреме претседава со ЕУ до 1 јули годинава. Но, РС Македонија ќе ја изгуби вербата во ЕУ и ќе се разочара од неа. Урсула фон дер Лајен заради оваа прилика ќе си врзе црна џуфка на метлата. Французите, Италијанците, Полјаците, Унгарците се масовно разочарани од ЕУ, а Британците дури ја напуштија, па Европа за северните Македонци ќе се секира.

Ако Северна Македонија не преговара со ЕУ, Русија ќе го наметне своето влијание таму. Ова заслужува Оскар за глупост. Северна Македонија е членка на НАТО. Како точно Русија ќе се наметне таму? Со ракети? Со тенкови? Со нивниот тим за уметничко лизгање? Русија е веќе добро сместена во Србија и воопшто не и треба Северна Македонија. Русија се наметна во Германија со Северен тек 1 и 2. Русија веќе е наметната во Бугарија со нуклеарни реактори, гориво за нив, гасоводи, МиГ-29, Калашников, шпиони во Министерството за одбрана, Николај Малинов, Вазраждане, Атака. Подобро е да се грижиме за тоа, а не ризикот да се наметнат во Северна Македонија. Овој тип на наметнување не може да се запре со членство во ЕУ и постојат живи докази за тоа, вклучително и во некои земји основачи на Унијата. На пример, Герхард Шредер.



Имаме економски интерес. И ова е за Оскар или барем за Златен глобус. Бугарија има пристап до целиот пазар од 450 милиони луѓе на ЕУ, па без двата милиони сиромашни северни Македонци ќе умре. Годишната трговска размена меѓу Бугарија и Северна Македонија е околу 750 милиони евра. Помеѓу нашата земја и Грција годишната трговска размена е околу 3,5 милијарди евра, меѓу нашата земја и Романија – близу 5 милијарди евра. Податоците се од бугарското Министерство за економија.

Ни треба воз за Скопје. Не, ни треба возот од Бургас да стигне до Софија за три наместо за седум часа. Со правење на ваков воз, самите северни Македонци ќе сакаат да ја продолжат пругата до Скопје. Сега не ја сакаат, дури и Европа да плати за тоа. Насила убавина не бидува. За танго се потребни двајца. А Кирил Петков оди во Скопје да им игра сам. А што ќе добиеме со градење на пруга од една во друга мизерија? Уште поголема беда. Која е поентата на поврзувањето на две железнички мрежи во кои просечната брзина е околу 50 километри на час?

Европскиот коридор 8 е поентата, велат некои ентузијасти. Јас, пак, велам дека е време да престанеме религиозно да читаме се што е напишано и нацртано во Брисел. Затоа што е полн со бирократи кои не можат да видат подалеку од нивните клупи. Во 1884 година, во Берлин, европските колонијални сили, за да не се борат, ја поделија Африка, од која го знаат само брегот. Тие цртаат измислени граници меѓу нивните имоти во тогаш непознатата внатрешност на континентот, кои „не соодветствуваат на географската, економската и етничката реалност… Многу од тешкотиите со кои се соочуваат африканските земји денес произлегуваат од фактот дека нивните граници се нелогични. Кога пишаните фантазии на европските бирократски системи се среќаваат со африканската реалност, реалноста е принудена да попушти.“* Европа многу се промени од тогаш. Нејзината бирократија не до толку. Ние сме Европејци. Не ѝ дозволувајте таа да не третира како Африканци.

Да, инфраструктурата е услов за економски развој. Но, суеверно е да се надеваме дека со изградба на железница и автопат, на нив магично ќе се појават фабрики, одморалишта, пазари итн. Меѓутоа, во точката А и во точката Б мора да има нешто што ќе ја оправда врската меѓу нив . Затоа што тоа ќе чини стотици милиони евра. Ние веќе една деценија ги влечеме интерконекторите со Грција и Романија, па возот за Скопје сега ни стана зорт. Еден ден ќе биде потребен и веројатно ќе го има, но денес Бугарија има далеку поитни потреби.

Има ли нешто добро во сите овие глупости? Ете го. А тоа е, дека, не можете некого постојано да го залажувате. Вистинската причина за носењето вода од девет клисури за празните македонски разговори ќе блесне – порано или подоцна. И ќе се разјасни кој, кој е. А новиот КОЈ, контролираните цени на струјата, агентите во Надворешни работи и намалените пензии ќе му се видат како крем карамел. Таква етикета ќе си залепи со операцијата „преговори“, што од него ќе остане само корисна политичка секундарна суровина.

Претходна статија

Петков, прашај во Скопје колку пати ја осквернавија Мара Бунева

Следна статија

Амбасадата на САД во Бугарија: Не сме го покренувале прашањето за „македонско малцинство“ во Бугарија

Најново од Истакнато