КАТИЦА ЈАНЕВА НЕГИРА ВМЕШАНОСТ ВО СЛУЧАЈОТ РЕКЕТ И ОДБИ ДА ОДГОВАРА НА НОВИНАРСКИ ПРАШАЊА
Во врска со наводите дека јас сум вмешана во случајот „Рекет“, најодговорно тврдам дека не сум ја злоупотребила мојата службена должност, изјави Катица Јанева во денешната изјава пред новинарите по нејзиното појавување за прв пат откако се обелодени случајот „Рекет“ а таа поднесе оставка од функцијата што ја извршуваше во СЈО.
Јанева истакна дека откако станала дел од СЈО, нејзините активности, кариера и семејство биле цел на напади, но подвлече дека не се жали поради тоа.
„Ги охрабрувам јавните обвинители да го расчистат случајот до крај. Точно е дека се познавам со Бојан Јовановски и дека мојот син работи во 1 ТВ. Но тоа не значи дека некој има право да ја злоупотребува мојата службена должност. Очекувам да се стави крај на сите неофицијални инфомации, каде што се ставаат во прашање моите чест и углед“, изјави Јанева
Катица Јанева истакна дека нема да дозволи да биде нечие алиби за неуспешните евроинтеграции и подвлече дека некој со сите сили се обидува да го спречи нејзиниот реизбор за прв човек на СЈО, со инсинуации и медиумски хајки.
Таа кажа дека СЈО е симбол на беспоштедната битка против криминалот и високата корупција. Катица Јанева веднаш откако ја прочита својата изјава, си замина и одби да одговара на новинарски прашања.