КИНА ЌЕ ГИ ТЕСТИРА СИТЕ ЖИТЕЛИ НА ВУХАН НА КОВИД-19 ПО ПОЈАВАТА НА НОВИ СЛУЧАИ

/

Кинеските власти планираат да ги тестираат сите 11 милиони жители на Вухан на Ковид-19 за нешто повеќе од една недела кога по повеќе од еден месец без новорегистрирани случаи, болеста одеднаш повторно се појави во градот, пренесува РТ.

На сите окрузи во градот им било наредено да достават план за тоа како ќе го спроведат тестирањето на сите жители во своите области во рок од 10 дена. На службените лица им е кажано да им се даде приоритет при тестирањето на ранливите групи и на станбените населби.

Мерката беше објавена како одговор на шесте нови локално пренесени случаи, кои беа регистрирани во Вухан во неделата и во понеделникот, кога 35 дена по ред не беа регистрирани заразени во централната провинција Хубеи. Сите шест нови пациенти живееле во иста населба.

Вухан беше оригиналниот епицентар на појавата на Ковид-19, а кон крајот на јануари стана првиот град што беше ставен во карантин бидејќи инфекцијата продолжи да се шири. Слични ограничувања беа донесени во неколку други поголеми градови во Хубеи.

Преку строги карантински мерки и масовно тестирање властите успеаја да го намалат бројот на новопријавени случаи во Вухан на речиси нула. Како што се подобруваше ситуацијата, карантинот во Вухан беше укинат на 8 април.



Кина сè уште пријавува мал број на новопотврдени случаи на Ковид-19 на ден, при што повеќето нови случаи се вратени од странство. Во понеделникот здравствените власти забележаа еден нов случај на коронавирус и еден сомнителен случај и нема смртни случаи.

Севкупно, Кина има повеќе од 84.000 потврдени случаи на Ковид-19 од почетокот на појавата, а починаа повеќе од 4.600 луѓе, според Универзитетот „Џон Хопкинс“.

Извор: Макфакс

Претходна статија

ФИЛИПЧЕ: ПРЕДЛОГ ЗА ОТВОРАЊЕ НА МОЛОВИТЕ, А ОД СЛЕДНАТА НЕДЕЛА И РЕСТОРАНИТЕ

Следна статија

10 НОВИ СЛУЧАИ ОД 189 ТЕСТОВИ ЗА КОРОНАВИРУС, ПОЧИНА 61-ГОДИШЕН ПАЦИЕНТ ОД ДЕЛЧЕВО

Најново од Вести