Ќе се гласа недоверба на бугарската Влада по предлог на бугарските социјалисти, партијата „Преродба“ и „Има таков народ“ на Слави Трифонов
Бугарските пратеници денеска треба да се изјаснат дали ќе го поддржат предлогот за гласање недоверба на бугарската влада, поднесен на 8 ноември од пратеничките групи на Бугарската социјалистичка партија, проруската партија „Преродба“ и партијата на Слави Трифонов „Има таков народ“, јавуваат бугарските медиуми.
Гласањето недоверба на Владата внесено од изброените партии е поради „неуспехот на Министерскиот совет во областа на национална безбедност и одбрана“ и ќе се одржи во 13:55 часот. Според деловникот на Собранието, тоа се одвива најрано 24 часа по завршувањето на расправата за самиот предлог. Владејачката партија и опозицијата вчера повеќе од четири часа дебатираа за националната безбедност, одбраната и модернизацијата на бугарската армија.
