Ќорсокак

//

Пишува: Владимир Перев

На 24 јуни 2022 година стана пресврт, револуција во менталната матрица на бугарите и македонците. Бугарскиот парламент со огромно мнозинство го прифати ткн. “Француски предлог“ за решавање на прашањето за македонското присоединување кон ЕС и со тоа, таканаречениот македонско-бугарски конфликт, стана проблем за чие решавање ќе бидат надлежни европските институции. Со тоа се отвораат нови перспективи за двете земји, а се затвораат со години наталожените заблуди за нас самите.

Пред сѐ, Македонија разбра дека Бугарија не е така лесен противник, дека не е капитулантска држава и дека има навистина висок меѓународен рејтинг. Бугарите разбраа и се согласија дека не “сичките в Македонија се б’лгари“, дека ги има и некои кои тоа не сакаат да бидат, па треба, конечно, да се грижи за оние кои сакаат да останат на личните позиции и семејни традиции на “македонските б’лгари“. Тоа е добар почеток. Бугарија конечно почна да се грижи за оние кои навистина се нејзини, да се грижи за нивните права, правата на македонските бугари. Почна навистина да се грижи и за културолошките, историските и јазичните особености на темата Македонија, да застане во нивна одбрана и тоа да биде прифатено од целата цивилизирана Европа. И веднаш да кажеме, никој, никогаш и никаде не кажал дека нема македонски јазик или нема македонски идентитет. Може само да се говори за времето на јазични и идентитетски привилегии на едно општество и држава формирана од државотворноста на тоа општество-македонското/македонистичкото. Така, сите патишта наназад водат до Илинден 1944 година.

Францускиот предлог не дојде така лесно и одеднаш. Многу судбини на “македонствујуштите“ се вткаени во него во последниве триесетина години. Некои си заминаа од овој свет, како Коста Црнушанов, Стојан Бојаџиев, Анани Константинов, но и оние кои не напуштија по рано-Димитар Талев, Васил Сеизов и ред други. Плодовите на заминатите се полза на оние кои останаа на бардот на каузата-Краси Каракачанов, Димитар Гоцев, новинарот и публицист Иван Николов и ред други. Нивната преданост е вткаена во овој успех.

Свидетел сум на нивната борба, нивните залагања, нивните амбиции, жртви, подлости и недоследности, најмногу на нивните (и моите) јалови резултати. Требаше да се промени времето. И луѓето! Дојде Румен Радев. Борисов продолжи да владее, а појавата на Екатерина Захариева и нејзините јасни и остри изјави за идентитетот на македонските бугари и нивните права, даде нова, по широка и по длабока визура на прашањето. Се појави и една нова личност, Бојко Ноев, дипломат и бивш министер за одбрана на Бугарија…но за него и за сенките на моето минато, ќе пишувам друг пат. Во вртлогот на бугарските политички опскурности, тие двајца, Румен Радев и Бојко Ноев останаа до крај на безкомпромисната заштита на правата на македонските бугари. Екипирани со Захариева, а потоа со Теодора Генчовска, тоа беше екипата која го разби наталожениот вулгарен македонизам на бугарските, балканските и сега европските простори! Таа екипа го удри “глоговиот колец“ на југословенското нарцисоидно наследство во Македонија, формирано од десетилтијата бугарска немоќ на окупирана земја, за целосно да го тргне превезот од самодоволното македонистично југословенство.

Не треба да се заборават медиите. Прво сѐ почна од агенцијата БГНЕС, што беше јасно заради македонскиот зародиш кај неа, но потоа, целото бугарско медиско пространство застана на браникот на правата на македонците. Тогаш можевме да објасниме дека не станува дума за нас како репресирани. Такви биле нашите предци низ затворите на тиранската титова Југославија. Некои од нас и сѐ репресирани, но станува збор за поновата генерација-социјално и општествено игнорирани и стигматизирани. Потомци на борците на ВМРО, михајловисти, беа од Бога заборавени. Една србокомунистичка солдатеска дојде и доведе сопствен ред, азбука, јазик и писмо, за потоа и да се пресметаат меѓу себе си. Приказната за револуцијата која си ги јаде децата. Речи си сите оние од АСНОМ кои го направија јазичниот и етнички злостор, животот го завршија трагично и несреќно. Поетика на револуцијата и иронија на судбината.

Овој бугарски парламент е најголемиот успех на бугарската држава, од Третото бугарско царство до денес. Оној од Велико Трново беше во сенката на руското великодржавие и администрација, оној од Богдан Филов во април 1941 година, Македонија ја доби со силата на германското оружје, без исфрлен куршум. Бугарите беа пречекани величанствено, како вистински ослободители. Тоа и беа! Сега овој е борбен парламент, спротиставен на сите игнорирања на бугарското племе, во борба за сопствените ценности…борба која трае и ќе биде долга и напорна. Резултатот ќе ни биде заеднички, како што на својот фб пост напиша Елисавета Белобрадова. Таа отвора нови размисли.



Треба да има една седница на парламентот каде што сите оние кои помнат семејните истории и го чувствуваат поривот од “македонските чукари“, да проговорат од говорницата…Никола Минчев, Христо Иванов, Елисавета Белобрадова и ред други. Да ни кажат како ја доживуваат прилепската чаршија, за духовните традиции на Кучевиште, или за прогонството од изгорениот Кукуш, за верската толеранција и за жертвите на кукушани. Да ги раскажат нивните неотсонувани соништа за речи си, заборавеното единство на бугарското племе. Да проговорат за “својата“ грутка земја…колку е таа нивна и колку се тие нејзини! Патетично, нели!? Да! Ама, точно, вистинито и нужно!

Таков е бугарскиот пат до сега. Полн со падови и воздигнувања. Нормално патување низ животот и историјата. Од Македонија се слушаат гласови на одбивање, се говори за некаков “ќорсокак“ во кој повторно западнала македонската политика. Изгледа никој не ја научил Преспанската лекција. Треба да се види договорот и да се разбере на што беа фрлени три децении живот. На безизлез. Бугарскиот договор не може да биде полош од Преспанскиот, тој делимично се опира на него, како веќе решена работа. Дали до крајот на овој месец, или во наредните триесет години, Македонија ќе треба да го потпише “Францускиот предлог“ и тој, со сите свои измени (евентуални) ќе изгледа отприлика вака:

  1. Ден икс: Внесување на бугарите во Уставот на РСМ како конститутивен дел од народ.
  2. Една година по Денот икс: Бирање функционери во Управните органи на државата или градовите, во армијата, полицијата, судовите од редовите на македонските бугари. Заедничка македонско-бугарска изјава за јазикот /формулацијата на Љ. Георгиевски, Костов, Заев и Борисов/ како “официјални, согласно конституциите на двете држави“. За нацијата веројатно ќе биде дека е од 2 август 1944 година, како и државноста, а за пројавите на “ран македонизам“, дополнително ќе се разговара.
  3. Две години од Денот икс: Отворање на досијеата и официјално задолжување на Скопје да ги бара од Белград досиејата на судените или убиените кои се во српските архиви.
  4. Три години по Денот икс: Рехабилитација на оние чии имиња ќе се најдат на списоците на гонети, судени или убиени, со отворање на прашањата за евентуална финансиска отштета. Поименична одговорност за извршителите на злосторствата.
  5. Четири години од Денот икс: Официјално, со изјава на председателот на Парламентот на РСМ, запирање на процесот на дебугаризација во Македонија и предавање во рацете на македонските бугари, заштитата на нивното културно и историско наследство. За говорот на омраза на функционерите, да се применува мерката-одземање на безбедносниот сертификат.
  6. Пет години од Денот икс: Бугарија два согласност РСМ да се присоедини кон Унијата.

Вака некако би изгледала една замислена “патна карта“ за патот кон Европскиот сојуз. Надежите на македонските бугари се дека ова нешто ќе биде решено најбрзо што може, без да се влегува во непотребен временски цајтнонт или во класичен турски ќорсокак, толку често и успешно применуван кај нас.

Вечерва, додека пишувам, одново се јавуваат злите духови од минатото. Ерван Фуере по телевизиите ги говори своите излитени фрази на кои никој не му верува, а познатиот Едвард Џозеф, го повикува Бајден да отвори “света војна“ против Бугарија. Неспособност, фрустрираност и јаловост во резултатите. Тие се големи само овде кај нас, бидејки ние така сакаме.

Време е да излеземе од ќорсокакот!



Претходна статија

Белград има интерес за заострување на односите меѓу Бугарија и РСМ

Следна статија

Бугарија оддаде почит на споменот на полковникот Каварналиев во Дојран

Најново од Истакнато