| |

Сива зона

Facebook статус на Никица Корубин

Идејата дека политиката може да биде заменета со итрина, дава резултат. И секогаш на штета на државата, општеството и граѓаните, и од корист на индивидуално, клановско или едноставно привилегирано ниво. Затоа што токму привилегијата да се биде суштински во политиката, “привилегираните и избраните”, по правило ја користат на погрешен, тесноград и суштински предвидлив начин. Предвидливост која последниве месеци, достигнува исклучително голема видливост.

Видливост која не е видена изминативе 30-тина години, на се’ или секој кој имал привилегија (или дозвола) да биде “избран” од нашето “заробено општество”, и од “контролирана средина” (медиумска, партиска, универзитетска, академска, финансиска), да биде поставен директно во реалната политика. Без “заштитата” на која е навикнат, за факторизација без одговорност. Оваа факторизација, не само што носи директна одговорност, туку и кардинални последици.

Заштита, која меѓу другото, доаѓа (и од крајно неочекувани, спротиставени страни) преку константната банализација и релативизација, на суштинските проблеми, кои намерно се прескокнуваат, во напливот од појавноста. Не е битен спектаклот, сам по себе, туку пораката што ја носи.

Па, оттаму, со политички речник, не е битно што при приватната посета на претседателката на Северна Македонија, во соседна и пријателска Бугарија, не е истакнато нашето официјално знаме, затоа што нема ниту било каква основа за тоа; туку е клучно што ова е приватна, а не официјална посета на земја, кон која е насочена цела пропаганда и манипулација на “јавноста”: за непостоечко билатерално (ре)преговарање на непостоечки француски предлог (францускиот предлог одамна е преговарачка рамка, а последователно нема никаква билатералност). Па, белким државата со која допрва ќе се “репреговара” не треба да има третман на попатна (културно злоупотребена) станица на патот, на очигледната меѓународна политичка блокада во која се наоѓаме како држава?

Колку официјални посети или гости и на кое ниво, имаа нашите највисоки претставници на новата, тазе власт? А, колку неофицијални посети и гости, истовремено имаа? И со кого? Политиката и покрај целиот обид за нејзино компромитирање и дискредитирање е сепак мерлива и егзактна работа. А, кога таа егзактност отсуствува кај “критичарите” кои патем речено треба да бидат во интерес на општеството и граѓаните, голема дилема е кој се’ е заслужен, задоволен и одговорен од и за оваа (само)блокада во која се најдовме.

Но, за она што е битно, ретко кој говори. Сите се зафатени со обидите да ја “оправдаат” сликата за нефункционалноста на државата и колку што е можно повеќе да ја “балканизираат” политиката. За да не може, ама баш никој, од било какви гео-политички причини, да не’ “натера” нас самодоволните да станеме дел од ЕУ, што е директно спротивно на нашите интереси, за да може да докупиме уште некој ден, да ги почекаме и американските избори; во итрината (и сите расположливи финти), занесени во “комплексот на супериорноста” од соседскиот хегемонизам; и притоа по никоја цена да не ја оправдаме и заслужиме сопствената независност како држава, трајно гарантирана токму преку членството во ЕУ.

И во оваа “сива зона” во која се “води” политиката, се’ мора да биде релативно, а особено вистината. Нејзината апсолутност и мерливост е најголемиот страв. Релативен е Охридскиот договор, релативен е Преспанскиот договор, релативен е Договрот со Бугарија. Релативно е членството во НАТО, релативно е членството во ЕУ. Релативен е и томосот, а преку него и историјата. Наративот за идентитетот секако е наменски. На крајот релативна ќе биде и државноста. Единствено апсолутно треба да биде незадоволството од сето ова. Незадоволството, кое систематски се проектира и наметнува од можноста за постоење на функционална, европска и евро-атлантска Северна Македонија.

И тоа е темата над темите, а не државното знаме кое не го доби, затоа што и не можеше да го добие, македонската претседателка во Бугарија. Барем доби, нормален дипломатски и политички третман, каков што ни приближно немаа нејзините колеги при нивните приватни посети на Северна Македонија, косовскиот премиер Албин Курти и бугарскиот премиер Кирил Петков. Нив не ги пречека никој на нивно ниво, а наместо театарска претстава, добија наменска медиумска хистерија. Во сивата зона, која за сега е само на политикантско, медиумско-пропагандно и партиско-партократско ниво. Но, многу лесно може да стане и на политичко и реално ниво. Сива зона или ЕУ, што сакаме за себе и за нашата држава?



Слични Објави