ЌУЧУК: АКО МАКЕДОНИЈА НЕ ГИ ПОЧНЕ ПРЕГОВОРИТЕ, СИТЕ ЌЕ БИДАТ ГУБИТНИЦИ
Очекувам дека до крајот на годинава ќе има прва меѓувладина конференција. Очекувам исто така билатералните прашања да се решат во билатерален формат. Ако не започнат преговорите, особено со вакво силно германско претседателство, сите ќе бидат губитници.
Ова го вели во интервју за „Независен“, бугарскиот европратеник и известувач за Македонија во Европскиот парламент, Илхам Ќучук, и покрај бугарскиот објаснувачки меморандум испратен до земјите членки на ЕУ во кој се доведуваат во прашање македонскиот јазик и идентитет,
„Голем проблем е пред сѐ за граѓаните на Република Македонија, бидејќи инерцијата што се собра треба да биде материјализирана во евроинтеграција. Проблем е и за ЕУ, за нејзината кредибилност, зашто ако сака да игра клучна улога на меѓународен план неизбежно Западниот Балкан треба да биде дел од самата Унија. Проблем е и за Бугарија, бидејќи според моето сфаќање стратегиски интерес на Бугарија е да граничи со држави кои се демократски и се дел од ЕУ. Сите што се вклучени во процесот ќе бидат губитници, нема да има добитници. Ако не започнат преговорите, особено со вакво силно германско претседателство, сите ќе бидат губитници“, подвлекува европратеникот Ќучук запрашан за кометар за изјавата на европаретникот Андреј Ковачев за можното одложување на почетокот на пристапните преговори за шест месеци.

