Ќустендил ќе се грее од енергија од сонцето
Во Ќустендил Р. Бугарија ќе гради фотоволтаичен парк на општинско земјиште од околу 200 декари, најави градоначалникот Петар Паунов, цитиран од БНР. Ќе биде објавена покана до заинтересирани инвеститори за потпишување договор.
Истовремено, уште пред Нова година беше објавено дека се одобрени над 20 општински згради на чиј покрив ќе се градат фотоволтаични системи.
Избраната локација за фотоволтаичниот парк е во месноста Сабеславица во земјиште на селото Горна Граштица – со површина од 186 декари. До 22 февруари, оние кои сакаат да градат на локацијата можат да поднесат документи за учество во канцеларијата на Општината.
Градоначалникот Паунов објасни: „Водечки фактори ќе бидат цената на правото на градење, периодот на реализација, инвестицијата и секако, социјалните придобивки за општината и граѓаните. Исклучително важен проект. Ова е терен кој не може да стане земјоделски, почвата е камена, ова е теренот на кој требаше да се гради фабрика за согорување отпад“.
На крајот на минатата година градоначалникот соопшти, а Општинскиот совет одлучи да ја започне постапката за изградба на фабрика за соларни панели на парцела од 50 декари во блиското село Жиленци. Во идното претпријатие ќе работат околу 100 луѓе, а првично за овој вид производство ќе бидат обучени 150 лица.