Ko je vjera, a ko li je nevjera
Пишува: Владимир Перев
Sjutra jeste lijep Vidov danak
Vidjećemo u polju Kosovu
Ko je vjera, a ko li je nevjera
Косовски циклус- Кнежева вечера
1.
Повеќето народи ги имаат своите митови, ги негуваат и употребуваат соодветно на потребите на гарнитурите на власт. Германците и нордиските народи ги имаат своите Нибелунзи, своите саги и руни, русите “…о полку Игорову“, а србите неисцрпниот мит за Косово. Косовскиот мит е есенцијата на достоинството и мартирологијата на српскиот народ, зачнат во преданијата по Косовската битка на 28 јуни 1389 година, на славниот Видовден, кога требало да се види “кој ќе биде верата, а кој неверството“ (издајството) во Косовската битка, пресудна за опстанокот на српската држава. Крајот на битката е познат, српското раздробено царство потпаѓа под власта на Османлиите и почнува времето на ропство…и легенди!
Косово станува мит, а Видовден станува ден на преиспитување на српските мисли, идеи и визии за иднината. На Видовден 1921 година донесен е Уставот на Кралството СХС, зачетокот на Југославија. Но потоа, по Втората светска војна и по владеењето на диктаторот Тито се појави нов диктатор. Во невиден наплив на национализам, пак на Видовден 1989 година, српскиот/југословенскиот претседател Слободан Милошевиќ, на Газиместан местото на Косовската битка го одржа својот познат говор полн со национализам, закани и празни ветувања, за од таму реално да почне поновниот крвав распад на “српскиот свет“, на тогавашната Југославија.
2.
На Видовден 2025 година, србите одново се собраа за да видат “ко је вјера, а ко ли је невјера“, да се преиспитаат себе сѝ и насилната недемократска и коруптивна власт на претседателот Вучиќ, креаторот на пропаднатата идеја “српски свет“ и послушникот на Путин и ретроградните сили во светот. Вучиќ со подгревање на српскиот непродуктивен национализам и огромната корупција во државата, го продаде српското национално достоинство, па затоа повеќе од 100 илјади срби излегоа на плоштадот “Славија“ во Белград да го искажат својот презир кон власта. Тоа беше израз на револт на српската елита и интелигенција, потиснати на маргините на животот. Резултатот утредента стана јасен: десетици уапсени демонстранти, десетици повредени полицајци и продолжување на автократското владеење на српскиот лидер. Но, достоинството на народот беше одбрането!
3.
Ние македонците го имаме својот мит за Илинден. Митот се оформува како резултат на херојствата и трагедиите по Илинденското востание 1903 година, за да ја доживее својата несреќна реприза 1944 година на манастирот Прохор Пчински. Херојствата на македонските бугари, како носители на силата на Востането, заедно со некои други народи во тогашната Отоманска империја, опеани и прераскажувани како херојствата од одбраната на Крушево на Мечкин камен и на Слива, завршуваат во една бедна соцреалистичка пасквила наречена Крушевски манифест. Тоа беше данокот на “времето под социјалистичко ропство“.
За оној Вториот Илинден од 1944 година нема што да се каже. Неговите актери се речи си непознати, нивните судбини (оние кои се познати) се трагични, нивниот крај е нејасен, а идеите непостоечки и избледени. Илинден 1944 година останува датум на поделби, омрази и насилие. Такви се и неговите чествувања.
4.
Ние имаме уште еден мит – тоа дека ние сме бугари, дека бугари се нашите херои, основачите на ТМОРО/ВМОРО, дека бугарин е Гоце Делчев, дека бугари се Тодор Александров и Ванчо Михајлов и дека поголемиот дел од нашите предци биле, или се изјаснувале, како бугари. Како резултат на растечкиот македонистички национализам, тој мит кај нас е потиснат некаде длабоко во потсвеста и ретко, многу ретко може да се чуе јавно. За вистинитоста на тој мит свесни се оние кои најмногу се борат против него – актуелните политичари во последниве триесетина години и повеќето историчари. Тие најмногу читале, имаат најмногу контакти, па најдобро ја познаваат вистината за нашето национално битие. Но, има и некои други. Тоа се оние кои ја познават, кажуваат и докажуваат својата национална/етничка припадност преку сопствена изјава, подкрепена со соодветни документи. Изненадувачки прозвучи изјавата на актуелниот министер за внатрешни работи на Бугарија, дека на 216 илјади граѓани со македонско државјанство се издадени и бугарски документи за лична идентификација, кои пак се издаваат врз основ на бугарско државјанство и соодветни документи. Сето тоа од 2007 година наваму, оние од пред таа дата се во некој друг список. Меѓу носителите на бугарско државјанство се повеќе политичари, пратеници од сите партии, научни работници и поголем дел од македонскиот џет-сет. Сите приложиле доказ за своите предци и изјава за себе сѝ. Овде кај нас, во нашава Северна, тоа само се споменува, а од “бугарите“ ни дума, ни траг ни глас. Наведена глава, сабја не ја сече…може би и подобро може да ја сече, не се знае?!
5.
Посакувам и ние да имаме достоинство, да имаме “наш видовден“, по можност на нашиот Илинден! Бугарските политичари се борат за правата на бугарите во Македонија, за внесување во Уставот на РСМ, за почитување на човековите права, а “нашите бугари“ само одат во Софија да плачат и да се жалат. Дел од борбата треба да се пренесе овде, да се зачленат во клубовите “Ванчо Михајлов“ во Битола и “Цар Борис“ во Охрид, да се организираат и да испраќаат петиции со потписи до институциите на Европа. Да соберат малку храброст, како нивните славни предци чии документи ги предоставиле на власта во Бугарија и барем за Илинден, да се појават во Крушево со плакати за правата на македонсите бугари. Да се види дека постојат…пасошите не се само за привилегии и за “зло време“…сега е вистинското зло време и треба да се дејствува. Нека напишат барем некој текст во “Трибуна“ и нека се потпишат.
Последниов Видовден 2025 година, цела ноќ го поминав пред телевизор, гледајќи Н1 Телевизија. Потоа мирно заспав, без никакви дилеми. Разбрав дека ние не сме ниту срби, ниту некакви југословени. Одамна разбрав дека документите и пасошот не го прават човекот. Затоа, можно е да сме бугари, но сигурно НИЕ сме она “смачкано племе“ за кое толку многу и со пиетет пишуваше Конески.
Ќе дојде ли времето и кај нас да се види “Ko je vjera, a ko li je nevjera“, за конечно да се препознаеме себе сѝ?!