Кога ќе се констатира грешка, се презема одговорност, тоа е доблесно, рече Мицкоски за оставките на членовите во Комисијата за помилување
Жив човек кој што работи знае и да погреши. Кога ќе се констатира грешката се презема одговорност, тоа е доблесно. Вака премиерот Христијан Мицкоски ги искоментира оставките на сите членови на Комисијата за помилување.
„Констатирана е грешката и единственото нешто што тие го имаат како морален чин е да се повлечат, а тоа и го направија. Така што очекувам тука да се затвори таа тема во јавноста“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање на настан по повод потпишување на договорот од првата транша од проектот 250 милиони евра за капитални инвестиции во општините.
Членовите на Комисијата за помилување вчера поднесоа колективна оставка, соопшти професорот Гордан Калајџиев.
Oставките дојдоа во моментот кога помилувањата кои ги потпиша претседателката Гордана Сиљановска-Давкова предизвикаа бројни реакции во јавноста.
Одлуката за помилување на осуденици, претседателот на државата ја носи по препорака на Комисијата за помилување, која е постојано работно тело во служба на претседателот.