| |

КОГА КРЧМАРОТ ЌЕ СИ ДОЈДЕ ПО СВОЕТО (1)

Crvena je krvca što kipi u nama;

crvena je munja, što oblak prolama,

crveno je nebo kad se zorom smije,

crven nam je barjak, što se gordo vije,

crvena je mržnja u našim grudima,

pa i gnev je crven, što nas obuzima.

O tirani, čujte — ne treba vam kriti —

I osveta naša crvena će biti.

Некаде во моите младешки години, во сега веќе далечната 1963 година, шетајќи се низ центарот на Белград, заедно со еден мој многу постар роднина, на Немањина улица, отспротива на сегашното министерство за финансии на Србија, во малото паркче ја здогледав бистата-паметник на младиот поет и револуционер Коста Абрашевиќ, за кого дотогаш, да бидам искрен, не бев чул. Останав стаписан од поетската сила на стиховите, ставени на постаментот на паметникот, од енергијата која извираше од нив. Мојот постар роднина, по националност Хрват, партизан, првоборец, носител на Партизанска споменица 1941 година, полковник по професија, но философ по образование, внимателно ја следеше мојата реакција, па да речам и мојот восхит, гледјќи ме малку “под око”, ми се обрати со смирен тон и изненадувачка реплика: “Види Владо”, ми вели тој “колку млад човек а колку омраза и гнев во него. Добро е што млад починал, замисли си, да останел жив и да бил да речеме на моето место, можеш да замислиш на што се би бил способен овој млад и затруен со омраза човек, какви се насилија би можел да изврши…”.

Јас замолчев, продолживме да одиме кон Теразије се така молчејќи, седнавме на кафе во бавчата на “Касина” за долго, долго да молчиме во тој топол и пријатен септемвриски ден.

Полковникот стана пензионер по неколку месеци, почина во 1974 година, јас речи си живеев кај нив, но никогаш повеќе не проговоривме за младиот “дводомен” поет, прерано починал од природна смрт. Ја бев подзаборавил случката…

Некаде кон крајот на седумдесетите години од минатиот век, во Софија се запознав со маркантната интелектуална појава на Коста Црнушанов. Прилепчанец со “стален престој” во Софија, пријател на татко ми и на Димитар Талев, познат и признат ванчомихајловист, бугарски затвореник и логораш, но и писател, преведеувач, фолклорист, талентиран новинар и воопшто, една маркантна појава со својата ерудиција. Првите контакти ни беа неуспешни; тој како и сите постари ванчомихајловисти, не пушеше, не пиеше, не го интересираше боемскиот живот, беше ужасно затворен и конспиративен, а во неговиот дом беше ужасно нељубезен со мене-не ми дозволуваше да пушам и не ме честеше алкохол. Затоа се изненадив кога, преку моите роднини, ми упати порака да го посетам дома. Веднаш премина на дело и ми го покажа ракописот (на машина) на неговите две книги кои би требало да излезат од печат по падот на режимот на Живков, за што тврдеше дека ќе стане наскоро. Тоа беа книгите “Македонизмот и сапротивата на Македонија срешту него” и втората “Кратка историја на ММТРО (Македонската младешка тајна револуционерна организација). Ми покажа и куп документи и изјави на свидетели за несреќните денови на српската окупација на Македонија од 1918 до 1941 година, како и во времето на комунистичкиот режим во Македонија од 1944 па наваму. Бараше моја помош во откривањето на имињата на убиените и нивните палачи, а за возврат, да ме придобие некако, ми покажа неколку фотографии на мојот покоен татко во друштво со познати михајловисти, фотографии кои јас никогаш ги немав видено.

Така се’ почна…тогаш веќе знаев за стреланите во Велес, но за прв пат слушнав за убиените петмина студенти од Струмица, за убиените во многу градови низ Македонија во првите денови по влегувањето на партизаните во местата напуштени од германската армија. Ги читав уредно наредените страници со сеуште недоволни податоци и пред мене се појави сликата пред паметникот на Коста Абраш во Белград, неговите заканителни стихови, зборовите на мојот хрватски роднина-првоборец, пред мене се вратија сеќавањата на долгото, молчаливо и топло есенско попладне во бавчата на “Касина”…нештата наеднаш ми станаа појасни, а нова светлина го обасја веќе подзаборавениот лик на полковникот-философ.

Автор: Владимир Перев

Продолжува…



Слични Објави