| |

КОЈ Е ЛАВРЕНТИЈ БЕРИЈА-ДЕСНАТА РАКА НА СТАЛИН

Секој човек останува во спомените на другите луѓе според тоа што успеал да го направи додека живеел и работел. Некои успеваат да го променат светот кон подобро, други се запомнени по пеколот што го направиле.

Во поновата светска историја има голем број историски ликови кои се вистински ѓаволи. Луѓе за кои брзата смрт се смета за голема награда. Таков човек ѕвер бил Лаврентиј Берија, десната рака на водачот на Советскиот сојуз од 1924 г, до 1953 Јосиф Висарионович Сталин.

Лаврентиј Берија е маршал на СССР, директор на НКВД и заменик на самиот Сталин од 1941 г. Во 1946 г. станува дел од Политбиро на КПСС, а претходно е инспиратор на Катинскиот масакар и создавањето на партизанските отреди во земјите од целиот источен блок. Тој е главен администратор и на системата од логори „ГУЛАГ“, а во 1945 г. е претставен на американскиот претседател Рузвелт од самиот Сталин, со зборовите: „Овој човек е нашиот Химлер“.

Лаврентии Берија е роден на 29 март 1899 г. во денешна Грузија. Потекнува од скромно семество. Има брат со кого не комуницира и дури не го спомнува и сестра на име Анна која била глувонема.

Речиси дете тој станува дел од Црвената армија а по 1922 г. станува припадник на ЧК (тајната полиција на СССР). Во 1924 г, на само 25 години Берија станува прв човек на тајната полиција во Грузија и ја потпишува смртната казна на речиси 10 илјади луѓе кои биле осомничени како непријатели на новата советска власт.

Во 1926 г. Берија се занимава со создавањето на т. нар. Советски Кавказ, а имено уништувањето на влијанието на Турција и Иран во тој регион. Во своето слободно време Берија лично го обезбедува новиот водач на СССР Јосиф Сталин.

Во 1931 г. Берија веќе е прв човек на Комунистичката партија во Грузија и веднаш започнува да го расчистува својот пат од конкурентите, преку монтирани судски процеси и смртни казни.

Во тоа време Берија тврди дека успеал да спречи атентат врз Сталин. Од 1935 г, станува најблизок соработник на советскиот лидер, а од 1938 е прв човек на НКВД и шеф на советските служби за безбедност. Берија е главниот егзекутор на Сталин за време на внатрешните пресметки во партијата од 1938 г. Во тоа време се осудени на смрт десетици високи функционери на КПСС, а се убиени без суд неколку илјади членови на партијата од пониските ешалони. Убиствата на територијата на СССР стануваат секојдневие а високи офицери од Црвената армија дури го молат Сталин да го смири Берија заради неговите активности.

Освен ладнокрвен убиец Берија е и сексуален манијак. Според сведоштва на припадници на неговото обезбедување за време на Втората светска војна Берија речиси секоја вечер се возел во својата службена кола и барал млади жени кои ги канел во својот кабинет, ги честел со алкохол и луксузни јадења, а потоа ги силувал до раните утрински часови.

Руската глумица Татјана Окуневскаја раскажува дека имала сексуален контакт со Берија со цел да го замоли да ги ослободи од затвор нејзиниот татко и нејзината баба. Берија и ветил дека тие ќе излезат на слобода иако самиот тој наредил истите да бидат убиени неколку месеци порано. Самата Окуневскаја завршува во логор на системата „ГУЛАГ“, но успева да ги преживее ужасите на советските логори.

Самиот Сталин не ги оставал членовите на своето семејство, посебно жените насамо со Лаврентиј Берија. Познато е дека КГБ ја чува листата со телефонските разговори на Берија со илјадници жени, на кои им ветувал слобода за нивните роднини или кариера доколку се согласат да имаат секс со него.

Официјалната бројка на сите егзекутирани со потписот на Берија ќе стане достапна во 2028 г, кога Руската федерација треба да ги обелодени овие документи, кои во моментот се водат како строго доверливи.

По смртта на Сталин, Молотов, Маленков и Николај Булганин започнуваат план за елиминирањето на опасниот Берија. На 26 јуни 1953 г. почнува монтиран процес против Берија, кој е обвинет за велепредавство и соработка со британските тајни служби. Додека трае процесот во Москва се наоѓаат две тенковски дивизии, кои треба да спречат било каков бунт на лојалните луѓе на поранешниот шеф на тајната полиција.

Пресудата против Берија и неговите најблиски соработници е донесена на 23 декември 1953 г. Речиси сите, начело со самиот Берија се осудени на смрт без право на жалење.

Лаврентиј Берија се моли на коленици и плаче како мало дете кога ја слушнува пресудата на судскиот состав. Неговите хистерични викови не успеваат да ја сменат трагичната судбина што го очекува. Берија е убиен веднаш после донесувањето на пресудата. Застрелан е во главата од рускиот армиски генерал Павел Батитски. Потоа неговото тело е изгорено и закопано во необележан гроб во гробиштата во Москва.



Слични Објави