Кој ги брише Македонците?!*
Facebook статус на Ивон Величковски
Инсистирањето на скопските граѓанисти да нема етничка припадност во Изводите од книгата на родените – ги брише Македонците.
Пропишувањето на декларирањето на етничката припадност во изводите „јавноста“ го дочека како „засегање на приватноста“ – иако изводот не е документ за идентификација или патна исправа.
Излитените флоскули на грант-граѓанистите “зарем ќе се делиме на едни и други”, “битно е да си човек”… требаше да им го продолжат замислениот монопол на:
– пропишување што е “граѓански концепт”,
– толкување колку етничко може да има во граѓанското и
– сертифицирање на свои системски ликови како еталон на подобност во таквиот монопол на граѓанството.
Затоа и тогаш и сега, откако решението е поништено од Уставниот суд, отсуството на општествена “возбуда” ги лиши скопските граѓанисти од посакуваното одржување на стариот наратив.
Напротив, ги отвори непријатните прашања:
1. Зошто правото на приватност не би било еднакво со правото на слободното декларирање на етничката припадност, вклучително во личен документ?
Особено во земја во која Уставот ги третира како личните, така и колективните човекови и граѓански права.
2. Ако веќе не е задолжително, зошто правото на изјаснување за етничката припадност во личен документ не би било факултативно?
Зошто на ваков административен начин Македонците се спречени да се изјаснат како Македонци во Извод по сопствена желба?
Истото се однесува и на еднаквото право на припадниците на другите народи што живеат во Северна Македонија.
3. Зарем со спречување на правото на самоидентификација во изводот ќе се прикријат вработувањата на припадници на една заедница предвидени за припадници на друга?
4. Зарем со административно ограничување на правото на самоидентификација на Немакедонците… од Северна Македонија во изводите од книгата на родените – тие ќе се чувствуваат помалку Албанци, Бошњаци, Бугари, Власи, Грци, Евреи, Египќанци, Роми, Словенци, Срби, Турци, Црногорци, Хрвати… без оглед на тоа што живеат во Северна Македонија?
Вака гледано, „бадентерово мнозинство“ и „балансерот“, (како произведени механизми на) самиот Рамковен договор – освен заштита од етничка мајоризација стануваат средство на заштита на:
– Македонците од Системските Македонци и
– граѓанинот од етно-партискиот клиентелизам.
И, иронично, го зајакнува отпорот на Македонците кон проекциите на шовинистичкиот, валутен и вокален „граѓанизам“ придонесувајќи кон градење нација на рамноправни граѓани.
* Насловот е на редакцијата
